Инфо

ВО ПЕТОК МАТУРСКА ПАРАДА НА ПЛОШТАДОТ „МАКЕДОНИЈА“

Околу 1.000 матуранти од Скопје во петок /19.05.2017 година/, точно на напладне, ќе бидат дел од традиционалната манифестација „Матурска парада 2017“ на Плоштадот „Македонија“, кој како и изминатите 10 години ќе пулсира во ритамот на танцот квадрил

вторник, 16 мај 2017

Околу 1.000 матуранти од Скопје во петок /19.05.2017 година/, точно на напладне, ќе бидат дел од традиционалната манифестација „Матурска парада 2017“ на Плоштадот „Македонија“, кој како и изминатите 10 години ќе пулсира во ритамот на танцот квадрил.

- Не радува што една манифестација што започна како интересна и благодорна идеја прерасна во традиција. Пред нас е 11. издание на манифестацијата „Матурска парада“ во кое очекуваме да се вклучат над 1.000 матуранти од повеќе средни училишта од Скопје, како и матуранти од Струга, Охрид, Струмица и од Гевгелија. Заедно со матурантите од Скопје и од другите градови од земјава, во петок во исто време квадрил ќе заиграат и матурантите од 10 европски држави. Не радува што сме организатори на овој настан кој верувам дека останува длабоко врежан во сеќавањето на секој матурант. Им се заблагодарувам на поддршката на „Матурска парада 2017“ на Градот Скопје и на Делегацијата на Европската унија во нашата земја – рече Никола Глигоров, од Дирекцијата за култура и уметност.

Тодор Миладинов од танцовиот клуб „Ритам плус“ изјави дека со задоволство и успешно ја завршиле обуката на матурантите, којашто почнала од почетокот на второто полугодие и дека тие со задоволство научиле да танцуваат и салса.

Даниела Захариева Адамова, раководител на Секторот за образование во Град Скопје, денеска нагласи дека Градот Скопје и годинава е покровител на најголемата средношколска забава.

- Секогаш кога доаѓа време за одржување на Матурската парада и ние организаторите чувствуваме радост и енергија, а убавото расположение на плоштадот е доказ дека тие уживаат како учесници во овој настан. Сакам да ја најавам и манифестациојата „Средба меѓу првиот и најдобрите“ во која ги наградуваме најдобрите матуранти од сите средни училишта на Град Скопје – нагласи Адамова.


Како и изминатите години учесниците на парадата -матурантите пред одигрувањето на танцот ќе положат заклетва за ненасилство заедно со своите врсници од сите држави учесници во овој настан.
 

Содржината е прочитана 371 пати.