Култура

Андре Риу за првпат во живо во Македонија

Интернационалната музичка ѕвезда заедно со својот Јохан Штраус Оркестар на 6 јуни ќе одржи концерт во арената „Борис Трајковски“ во Скопје. Билетите за овој ексклузивен настан ќе бидат достапни во продажба од среда, 23 јануари од 10 часот на сите продажни места на МкТикетс и на www.andrerieu.com.

понеделник, 21 јануари 2019

Планетарно познатата ѕвезда Андре Риу и неговиот Јохан Штраус Оркестар годинава за прв пат доаѓа во Македонија и на 6 јуни ќе одржи концерт во арената „Борис Трајковски“ во Скопје.

На своето прво гостување во Скопје, Риу, популарно наречен „современиот крал на валцерот“ ќе настапи со бомбастично сценско шоу во рамки на неговата светска турнеја за 2019 година. Концертот го организира „Пасворд продакшн“.

Билетите за овој ексклузивен настан ќе бидат достапни во продажба од среда, 23 јануари од 10 часот на сите продажни места на МкТикетс и на www.andrerieu.com. Повеќе информации и билетите почнувајќи со цена од 3050 денари може да се добијат на www.mktickets.mk и www.andrerieu.com.

Риу, како еден од најпопуларните интернационални музичари на современото време реализира по речиси 100 концерти годишно. Заедно со неговиот Јохан Штраус Оркестар, кој со своите 60 члена претставува најголемиот приватен оркестар на светот, на присутните им нудат совршена забава со светски познатите, романтични мелодии полни со душа, како и со бројни изненадувања, хумор и првокласни интернационални солисти.

Повеќе од 40 милиони продадени ЦД и ДВД изданија, 30 први места во топ-листите и 500 платинести награди, се само дел од она што го прави Андре Риу вистински „маестро на публиката“, како што го нарекува „Њујорк Тајмс“. Неговите „ЈуТјуб“ видеа надминуваат далеку над милијарда прегледувања досега, а над 3,8 милиони фанови го следат кралот на валцерот на „Фејсбук“.

Овој харизматичен Холанѓанец, кој речиси 30 години го обиколува светот, повеќе од 40 години е среќно оженет со сопругата Марџори со која имаат два сина и пет внуци. Живеат во романтичен замок од 1452 година во неговиот роден град Мастрихт во Холандија.
 

Содржината е прочитана 144 пати.