Интервјуа

Мојот деловен живот е класичен јин-јанг

Интервју со Ена Норнилд, генерален менаџер на градежната компанија ДАН-МАК и сопственик на салонот за убавина „Miss EN“ во кое говори за цврстината неопходна за да се води градежниот бизнис и за нежноста и задоволството што се чувствуваат при овозможувањето жената да ја истакне и негува сопствената убавина

понеделник, 25 февруари 2019

МАРИЛИ: Вие сте генерален менаџер на градежната компанија ДАН-МАК. Кажете ни на кои престижни проекти работите во овој период?
НОРНИЛД:
Постојано работиме на нови проекти, континуирано, како што ни завршува еден проект почнуваме со нов. Градежништвото е таква гранка што придонесува за огромна сатисфакција при завршувањето на еден проект. Видливо, пред себе го гледате изграден секој момент од вашиот труд. Тоа нѐ мотивира постојано да сме во инфинитивен круг со проекти, на пример, во овој момент работиме на три активни проекти во Скопје и на еден во Кавадарци, а во меѓувреме веќе размислуваме што ќе правиме по нивното завршување.

МАРИЛИ: Моментно сте ангажирана околу изградбата на сопствената куќа. Во каков дом во иднина ќе живее госпоѓа Ена? Дали ќе биде тоа објект во современ архитектонски стил, со модерни футуристички линии или, можеби, ќе има и нешто од скандинавската традиција, со оглед на тоа дека Вашиот сопруг, кој е сопственик на ДАН-МАК, е Данец?


НОРНИЛД: Не би применила строга селекција на одреден стил, тоа би било монотоно. Повеќе би сакала нашиот иден дом да е разигран, пријатен и позитивен - така како што е нашето секојдневие. Модерен архитектонски стил, пријатен и за око и за душа. Сплет на дискретен барок со сјајни површини во комбинација со темно дрво. Скандинавската традиција, исто така, ни е интересна и со луксузни примеси. Многу идеи одеднаш, но, секако, треба внимателно да ги осмислиме и да ги изведеме.
Што се однесува до опремувањето, активно ги разгледувам трендовите за оваа година на модерната класика, тоновите што ги употребуваат – светли и потемни тонови од една нијанса со дистракција од тренди егзотичен тон, а меѓу омилените ми е „royal blue“. Ми се допаѓа кога едно парче мебел се издвојува и самостојно придонесува за естетскиот изглед на целиот простор.
Севкупно, засега сѐ ни е базирано врз разработувањето на идеите. Штом ќе го средиме нашиот иден дом, секако ќе ми биде чест да ве поканиме да го разгледате.

МАРИЛИ: Вие сте и сопственик на салонот за убавина „Miss EN“. Тоа е нешто сосема поразлично од градежништвото. Колку овој дел од Вашето менаџирање Ве исполнува и каде повеќе се чувствувате своја?
НОРНИЛД: Кога се во прашање овие две дејности, во мене има два типа личност. Во градежништвото и во сите ангажмани околу тие проекти треба да сте вистински лав за да успеете и да се изборите проектот да го завршите ефективно и ефикасно. Од друга страна, дијаметрално различно, во „Miss EN“ се чувствувам како вистинска нежна дама, сон на секоја жена, да е негувана, да се чувствува релаксирано, убаво и задоволно. Така што мојот деловен живот е класичен јинг-јанг, ме исполнува и кога и едната и другата дејност ги имам заедно во еден ден. Тие се толку различни и во едната има многу малку елементи од другата, а, сепак, потребни ми се и двете за да го затворам дневниот круг.

МАРИЛИ: Кои новитети во „Miss EN“ им ги нудите на клиентите во овој период, односно какви третмани најмногу применувате?
НОРНИЛД: Во „Miss EN“ постојано имаме новини. Први на пазарот ја донесовме терапијата мадеро, ние сме меѓу ретките што работат со 100 проценти органската козметика „Aureage“, а Oxy-третманите, како и специјалните третмани на лице се работат по хронологија на годишните времиња. Константно посетуваме обуки и ги применуваме светските трендови за нега на лицето и на телото.
Во овој период особено се популарни третманите за слабеење, терапијата за обликување на телото мадеро и за подобрување на метаболизмот.

МАРИЛИ: Вие поддржувате и хуманитарни проекти. Еден од нив е хуманитарната аукција на слики што се одржа на тематскиот ден „ДАМА-ДА“ во организација на агенцијата „Марили“, на која купивте една слика. Според Вашето мислење, колку ваквите хуманитарни проекти се важни за Вашата личност, за Вашето работење и колку му се потребни на општеството?
НОРНИЛД:
Често сум присутна на хуманитарни проекти и настани. Мислам дека секоја личност може колку-толку да придонесе за нечие подобро. Апсолутно не ми се допаѓа и немам потреба јавно да се претставувам со хуманитарните активности и донации бидејќи, пред сѐ, ги правам со големо срце и со задоволство дека придонесувам за нечие подобро утре. Ваквите подвизи не треба да ги користиме за хранење на егото, туку напротив, за отворање на душата и за соединување со душите на кои им е најпотребно. Нашето општество има хумани луѓе и секако дека е добредојдено во иднина да има колку што е можно повеќе вакви проекти.
 

Содржината е прочитана 814 пати.