Интервјуа

Воената професија е специфична не само за припадничките од женски, туку и за оние од машки пол

Интервју со полковник Ирена Минева, командант на Воено медицинскиот центар – Скопје и прва жена командант на баталјон во Армијата на Република Северна Македонија во кое говори за тоа како се случило да се приклучи на Армијата, за предизвикот да се менаџира со една извонредно важна институција како што е ВМЦ, за се уште присутните предрасуди кога се работи за жените во армиските редови

среда, 06 март 2019

МАРИЛИ: Од кога постои Воено медицинскиот центар во Скопје и која е неговата суштинска мисија?
МИНЕВА
: Воено медицинскиот центар се формираше во 2010 година по трансформацијата на поранешната Воена болница во Градска општа болница „8-ми Септември “ и во помал дел, Воен медицински центар, дизајниран за потребите на Армијата на Република Северна Македонија и на Министерството за одбрана на Република Северна Македонија. Суштинската мисија на ВМЦ се состои од повеќе дејности како што се:
- спроведување примарна и секундарна здравствена заштита на вработените во Армијата и МО,
- следење на здравјето на вработените,
- спроведување превентивни мерки за здравствена заштита,
- медицинска поддршка на секојдневните активности на припадниците на Армијата, како во касарните така и на терен,
- учество во меѓународни мировни мисии,
- планирање и учество во домашни и меѓународни воено медицински вежби,
- спроведување медицинска обука за припадниците на Армијата и на Министерството за одбрана, други државни институции, дипломатски претставништва во РСМ и учесници од регионот,
- учество во меѓународни медицински проекти и т.н.
Воено медицинскиот центар воедно претставува и Јавна здравствена установа, односно, има склучен договор со ФЗОМ и работи и за потребите на граѓаните на Северна Македонија.

МАРИЛИ: Со што располага ВМЦ, каква структура има и колкав капацитет и каде е сместен, со оглед дека поранешната Воена болница веќе неколку години е трансформирана во Градска општа болница?
МИНЕВА:
Воено медицинскиот центар се состои од Команда и штаб и повеќе оддели, поточно од Оддел за примарна здравствена заштита, Оддел за превентивна здравствена заштита, Оддел за специјалистичко-консултативна дејност, Оддел за медицинска обука, кои се наоѓаат во објектот на поранешната Воена болница, како и од осум воени амбуланти распоредени ширум државата.


МАРИЛИ: Вие сте првата жена офицер на чело на оваа воено медицинска установа. Што сте по професија и како се случи да и се приклучите на Армијата?
МИНЕВА:
Да, јас сум прва жена командант на оваа единица, а воедно и прва жена Командант на баталјон во Армијата на Република Северна Македонија, од причина што ВМЦ е во ранг на единица баталјон.
По професија сум дипломиран фармацевт, но имам воена специјализација, односно, во 2011 година специјализирав на постдипломски студии за командни и штабни должности на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје. Во Армијата пристапив во 1998 година, заедно со уште 34 припаднички на женски пол со завршено високо образование и ние, всушност, бевме првата генерација питомки на курс за офицери за служби во Армијата. Покрај нас беа примени и 21 припадничка на курс за подофицери за служби со завршено средно образование.
Согласно аспирациите на Република Северна Македонија за членство во Северноатлантскиот сојуз, Министерството за одбрана на Република Северна Македонија во тоа време реши за потребните професии во Армијата да распише конкурс како за припадници од машки, така и за припаднички од женски пол. На курсот беа примени припадници од разни профили со завршено високо образование, односно со завршен електро-технички факултет, машински, економски, технолошки, ветеринарен, земјоделски, сообраќаен, медицински и фармацевтски факултет.
По завршувањето на деветмесечниот курс станав офицер на санитетска служба на АРСМ и бев промовирана, како и останатите, во чин поручник.

МАРИЛИ: Дали сте учествувале во некои мисии на АРСМ?
МИНЕВА:
Во мојата досегашна кариера имам учествувано во една мировна мисија, поточно во мисијата на ЕУФОР, АЛТЕА во Сараево, Босна и Херцеговина, како Офицер за логистика и операции во Македонската медицинска ќелија.

МАРИЛИ: Дали е задолжително да се поседува еден од највисоките воени чинови за да се биде на оваа позиција. Каков чин имате Вие?

МИНЕВА: За поставување на одредена позиција во Армијата на Република Северна Македонија треба да се исполнуваат одредени предуслови, меѓу кои е и поседувањето соодветен чин. Јас на оваа позиција дојдов како потполковник и во меѓувреме бев унапредена во чин полковник.

 

МАРИЛИ: Менаџирате со една извонредно важна институција. Со какви предизвици се соочувате и како се справувате со нив?

МИНЕВА: Предизвиците се секаде присутни, па и во оваа институција. Според мене, најголем предизвик е работењето со луѓе каде што не е доволно само да се менаџира, туку треба да се биде добар лидер, но, пред сė, да се остане човек.

 

МАРИЛИ: Колку жени има во македонската армија, дали е тешко да се биде жена-војник, па макар и во мирновременски услови?
МИНЕВА:
Во Армијата на Република Северна Македонија во моментов има приближно 9 проценти жени, а во поглед на професијата, би кажала дека секоја професија на свој начин бара откажувања и компромиси. Во секоја професија треба да се дефинираат приоритетите и секој поединец да цели кон својот приоритет. Воената професија е специфична професија не само за припадничките од женски пол, туку и за припадниците од машки пол.
Доколку мислите на предрасудите, мислам дека се уште постојат. Но, доколку сте професионалец и квалитет, порано или подоцна ќе бидете препознаен, а успехот е неизбежен. Повторно ќе напоменам, зависи кој колку е подготвен да се жртвува и да даде сė од себе, се разбира во интерес на институцијата и државата, а не во личен.

МАРИЛИ: Имате ли некое хоби, како го исполнувате времето кога ќе ја соблечете униформата?
МИНЕВА:
Слободното време го минувам, пред сė, спортувајќи. Сакам да планинарам и да трчам. Се имам искачено на речиси сите планински врвови во нашата држава, но имам планинарено и во соседна Бугарија и во Црна Гора. Водно ми е секојдневие и таму сум секој викенд. Ја сакам природата и се трудам што повеќе времето да го поминувам во природа. Кога не сум на Водно, трчам на кејот на Вардар. Сум учествувала и на две меѓународни армиски првенства во трчање крос – кантри и на многу наши армиски натпревари. Додека бев во мисија освоив второ место во женска конкуренција на 7,5 километри на натпрвар во базата и учествував на Сараевскиот маратон.
Љубител сум на пишаниот збор и сакам да читам. Секако, сакам и да излегувам и да се дружам со моите драги луѓе.

 

Содржината е прочитана 439 пати.