Култура

Прилеп викендов ќе пулсира во ритамот на традиционалниот карневал „Прочка 2019“

Бројни поединечни и групни маски од земјава и од странство ќе бидат дел од 18-иот Меѓународен карневал кој претставува вистинско уметничко спојување на традицијата со модерното време

четврток, 07 март 2019

Прилеп викендов ќе пулсира во ритамот на традиционалниот карневал „Прочка 2019“. Бројни поединечни и групни маски од земјава и од странство ќе бидат дел од 18-иот Меѓународен карневал кој претставува вистинско уметничко спојување на традицијата со модерното време.

Карневалската магија започнува во петок со отворање на изложбата на маски која секоја година е сведок на најразлични креации изработени од учениците во основните и средните училишта, кои се партнери во целокупната организација. 

Саботата е резервирана за Детскиот карневал кој е предвидено да започне во 12,30 часот со парада на учесниците до 14 години, кои своите креации ќе ги претстават пред присустната публика дефилирајќи по бул. „Гоце Делчев“ во центарот на Прилеп.

Централниот настан, кој има натпреварувачки карактер, е меѓународното дефиле кое ќе се одржи во недела, а на него ќе се претстават бројни групни и поединечни маски. Стартот а дефилето е од Центарот за култура „Марко Цепенков“.


Оваа година дефилето на маски ќе биде во центарот на Прилеп, а трасата по која ќе парадираат сите учесници ќе биде по булеварот „Гоце Делчев“, почнуваќи од ЦК „Марко Цепенков“ па се до плоштадот „Александрија“.

Содржините на 18. издание на карневалот „Прочка 2019“ ќе бидат збогатени со „Статуа фест“ и „Арт стрит“ забавите каде на еден интересен и несекојдневен начин ќе се направи спој на модерните и традиционалните уметнички вредности.
Меѓународен карневал „Прочка 2019“ ќе биде инспирација за повеќе учесници во групни и поединечни маски од земјава и од соседните држави. Според организаторите на оваа традиционална забава под маски, Општина Прилеп и здружението „Прилепски мечкари“, кои се главни носители на карневалот повеќе од деценија, оваа година на „Прочка 2019“ доаѓаат гости од Србија, Црна Гора,Турција, Хрватска и од многу други земји. По завршување на натпреварувачкиот дел од карневалот, во понеделник на пладне, во манастирот „Свети Ѓорѓија“ ќе се одржи традиционален посен ручек во организација на здружението „Прилепски мечкари“.

Карневалот „Прочка 2019“ како културна манифестација заснована врз една стара традиција на касапскиот еснаф со единствени белези, претставува спој на традицијата со модерното и како таков е еден од најзначајните настани во Прилеп. Со неговото одржување се зачувуваат старите обичаи кои се дел од нашето културно наследство, а истото се презентира, како на национално, така и на меѓународно ниво, што е особено значајно за развој на туризмот.

 

Содржината е прочитана 112 пати.