Интервјуа

Време е и ние, фудбалерите, да одиме на европско првенство

Интервју со Игор Ангеловски, селектор на фудбалската репрезентација на Македонија во кое говори за успешно завршената 2018 година и за претстојните предизвици, особено за неизвесноста на патот кон Европското првенство 2020, како и за позитивната атмосфера што владее во репрезентацијата што е и причина за оптимизмот за успешни квалификации за ЕП

среда, 13 март 2019

МАРИЛИ: Македонската фудбалска репрезентација се врати меѓу најдобрите 100 на ранг-листата на ФИФА, доживеа само еден пораз во осумте одиграни натпревари и доминантно го освои првото место во својата група во Лигата на нации на УЕФА. Како ја оценувате изминатата 2018 година?
АНГЕЛОВСКИ:
Зад нас е една успешна година. Секако, на играчки и на резултатски план. Кога на почетокот ќе си поставите цели кон кои ќе се движите и на крајот тие цели ќе бидат реализирани, нормално е дека мора сите да бидеме задоволни. Одигравме осум натпревари во кои забележавме пет победи, двапати ремизиравме и само еднаш загубивме. Врв на годината беа одличните настапи во Лигата на нации, во која го освоивме првото место во групата и обезбедивме учество во баражот за Европското првенство во 2020 година. Чувството е прекрасно. Што можевме повеќе да посакаме? Но тоа, сепак, не треба да нè задоволи и да застанеме, туку треба да ни биде мотив оваа година да биде уште поуспешна.

МАРИЛИ: Лигата на нации е еден од патиштата што водат до Европското првенство во 2020 година. Вториот е преку редовните квалификации. Ждрепката заврши, познати се противниците со кои од март до ноември ќе се пробиваме до турнирот што идната година ќе се игра на целиот континент. Какви се Вашите впечатоци за групата?
АНГЕЛОВСКИ:
Добивме група со неатрактивни противници, но многу квалитетни. Како „благи“ фаворити би ги издвоил репрезентациите на Полска и на Австрија, меѓутоа, сите други може да се надигруваат со нив и меѓу себе. Во оваа конкуренција очекувам многу неизвесност до самиот крај и мој впечаток е дека секој може да победи секого. Во секој натпревар Македонија ќе влезе со свои сметки и адути, во секој натпревар ќе гледа своја шанса и ќе игра со самодоверба дека може да го добие. Поинаку и не можеме и не смееме бидејќи сме професионалци и секогаш одиме на победа, без разлика на противникот. Имаме респект кон сите до излегувањето на теренот, по почетокот на натпреварите мислата ни е гол повеќе од противниците и освојување бодови. Така пристапувавме досега, така ќе пристапуваме и во иднина.

МАРИЛИ: Полска, Австрија, Словенија, Летонија и Израел можеби не се селекции како Италија, Германија, Англија или Шпанија, кои се атрактивни од маркетиншки аспект, за ТВ-права и полни стадиони. Ако за групата велите дека нема изразити фаворити, може ли да ги издвоите ѕвездите во секоја од репрезентациите. Според Вашето мислење, кој е најголема?

АНГЕЛОВСКИ: Дефинитивно Пандев. За нас тука нема дилеми. Тој е наша икона, наш капитен, наш лидер, фудбалер од непроценливо значење за оваа селекција и најголема ѕвезда, според нас, во групата. За Роберт Левандовски и Марко Арнаутовиќ не треба да се трошат премногу зборови кои се и што се. Тоа се играчи што оставија белег во европскиот фудбал и тие се важни алки во полската, односно во австриската репрезентација. Но јас никогаш тимовите не ги гледам според поединци, туку во целина. Како за противниците, така и за репрезентацијата на Македонија. Квалитетите на поединецот да бидат ставени во функција на колективот наместо колективот да им биде подреден на поединци.

 МАРИЛИ: Длабоко сме навлезени во февруари, а до стартот на квалификациите за ЕП 2020 има уште еден месец што брзо ќе мине. Дали почнавте со детално запознавање на противниците во групата, со процесот на скаутинг на тимовите и што може да се очекува или, сепак, е рано за анализи?
АНГЕЛОВСКИ:
Почнавме со прибирање информации за сите противници во групата што нè очекуваат, но фокусот, сепак, е ставен на Летонија и на Словенија, против кои ќе играме во првите два натпревара во март. Се разбира, следиме сѐ што се случува и во другите селекции. Рано е да се прават анализи бидејќи натпреварите што досега имавме можност да ги гледаме се под водство на други селектори. Сите тимови во групата имаат нови селектори, освен Македонија и Австрија. Промени се случија во Словенија, во Полска, а Летонците сè уште немаат назначено ниту селектор. За Австрија може полека да оформуваме слика, а за другите ќе почекаме да видиме дали ќе направат измени во составите и што ќе одиграат во меѓувреме.

МАРИЛИ: Планирате ли некој пријателски натпревар до почетокот на циклусот?
АНГЕЛОВСКИ:
Ќе нема контроли. Правилата на ФИФА не дозволуваат пријателски натпревари од едноставна причина затоа што за нив во календарот не се предвидени термини. На 21 март е првиот натпревар со Летонија во Скопје, три дена подоцна и со Словенија во Љубљана и во нив ќе влеземе без тест. Не гледам никаков хендикеп во тоа. Уверен сум дека тимот е доволно добро координиран. Две години сме заедно, одлично се познаваме, имаме одиграно голем број натпревари во разни системи и убеден сум дека целосно подготвени ќе ги дочекаме новите предизвици за Европското фудбалско првенство.

МАРИЛИ: Во изминатиот период направивте рез во репрезентацијата. Внесовте „свежа крв“ од младата селекција, но дали планирате и дополнително освежување на националниот тим?
АНГЕЛОВСКИ:
Не. Во квалификациите ќе влеземе со 99 отсто од фудбалерите со кои игравме и досега. Би сакал само да ги имам сите здрави. Моја желба е Радески и Велкоски да закрепнат по повредите, како и Спировски, ме радува што и Стефан Ристовски почна да игра. Посакувам да немаме проблеми од таа природа. Се разбира, ако во овој период се издвои некој фудбалер со своите игри, секако дека ќе добие шанса. Меѓутоа, повторно ќе кажам, не планирам да правам поголеми промени во репрезентацијата. Костурот останува ист како во изминатите две години.

МАРИЛИ: Фудбалската репрезентација е како препородена по Вашето доаѓање на кормилото. Има игра, резултатите не изостанаа, се врати довербата кај публиката. Кој е рецептот за успех што го применивте во досегашниот Ваш мандат? 
АНГЕЛОВСКИ:
Квалитетот, секако, е причина за добрите игри и резултати. Уште во првиот момент кога ја презедов репрезентацијата, кога цела нација се откажа од нив, истакнав дека верувам во тие момчиња, дека тие момчиња имаат квалитет и дека е само прашање на време кога тој квалитет ќе дојде до израз. Од репрезентацијата направивме место во кое сите се чувствуваат пријатно, со максимален респект кон националниот дрес, со максимално меѓусебно почитување и сето тоа донесе што донесе. Тоа е начин по кој треба да продолжиме и во иднина во репрезентативниот дрес и се надевам на уште подобри резултати. Овие момчиња сè уште не го кажале последниот збор.

МАРИЛИ: Кошаркарската репрезентација, ракометните во двете конкуренции, ватерполистите и како последни одбојкарите. Може ли, конечно, да очекуваме настап на големо натпреварување и од фудбалерите?
АНГЕЛОВСКИ:
Па, мислам дека е време и ние да одиме на Европско првенство. Секако дека тоа е наша огромна желба. Нацијата нека верува дека ќе се вложиме до последен атом и ние, фудбалерите, да се најдеме на еден завршен турнир.


 

Содржината е прочитана 63 пати.