Здравје/ Убавина

Петтиот тематски ден „ДАМА-ДА“ со успешна хуманитарна акција за Специјалниот завод во Демир Капија

На тематскиот ден „ДАМА-ДА-Здравјето и убавината во функција на современата жена“ што агенција „Марили“ годинава го одржа под слоганот „ДАМА-ДА-ДОНИРА“ беа собрани 96.450,00 денари, а покрај хуманата страна, овој тематски ден понуди богати содржини посветени на современиот животен стил на жената. Преку 500 посетители имаа можност да бидат дел од бројни едукации, сертифицирани работилници, предавања, дебати, како и да ги посетат бројните изложбено-продажни штандови

четврток, 04 април 2019

Тематскиот ден „ДАМА-ДА-Здравјето и убавината во функција на современата жена“ годинава се одржа под слоганот „ДАМА-ДА-ДОНИРА“. Организаторот на овој голем настан, агенцијата „Марили“ ја продолжи хуманата страна на тематскиот ден и со поддршка на Министерството за труд и социјална политика и лично од министерката Мила Царовска одлучи сите средства собрани од продажба на влезниците да ги намени за санација на Специјалниот завод во Демир Капија.

Од влезниците, кои беа со симболична цена од 100 денари, како и со вклучување на компании кои партиципираа во донацијата со откупување влезници, меѓу кои и Амбасадата на Република Словенија во Република Северна Македонија собрани се вкупно 96.450,00 денари.

Но, акцијата продолжува како повик да се вклучат и други компании и поединци како би се собрале повеќе средства со цел да се помогне да се подобри состојбата во оваа установа. Заинтересираните компании можат да дадат придонес не само во форма на парични средства, туку може да донираат и во материјали, пред се градежни, во молерофарбарски и други услуги, во опрема за санитарни јазли и друго. Ги повикуваме сите заинтерсирани да се вклучат во оваа хумана акција. 

А, самиот тематски ден, кој годинава по петти пат се одржа на 30 март 2019 во Дом на АРМ, покрај хуманост, понуди и богати содржини посветени на современиот животен стил на жената кои беа во форма на едукации, работилници, дебати. Посетителите можеа да добијат разни информации на бројните штандови, а имаа можност да бидат дел и од интернет наградната игра на која имаше прекрасни подароци од компаниите: салонот за убавина „Мисс ЕН“, италијанскиот бренд накит „Rebecca“, модното студио „Драма“ и хотел казино „Фламинго“ од Гевгелија.

Наградата од „Мисс ЕН“ - козметички производи од AURIĒGE-PARIS во вредност од 9.000 денари ја доби Марина Данева од Скопје. Ланче од колекцијата „МАДАМА“ на италијанскиот бренд „Rebecca“ во вредност од 6.138 денари доби Стефани Нацевска од Скопје, наградата од хотел „Фламинго“ која се состои од полн пансион и спа центар за двајца и припадна на Сузана Георгиевска од Струмица, а огрлицата од позлатена кожа и корали од модното студио „Драма“ во вредност од 8.200 денари ја доби Нина Еленова од Кавадарци.

Во текот на целодневниот настан во Домот на АРМ повеќе од 500 посетители беа дел од предавањата, двете дебати и трите сертифицирани работилници, но покажаа интерес и за бројните штандови на кои беа изложени производи од козметологија, фармација, билкарство, здрава исхрана, накит, нега и убавина, а можеа да се добијат информации и од областа на ИТ индустријата. Сите тие со купените влезници за тематскиот ден учествуваа во хуманата акција што ја спроведе агенцијата „Марили“.
 

Содржината е прочитана 384 пати.