Култура

„Охридско лето“ дел од најголемиот културен собир во Лисабон

понеделник, 15 април 2019

Најголемата и најзначајната музичко-сценска манифестација во Македонија - фестивалот „Охридско лето“, од 14 до 17 овој месец се презентира на Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација (ЕФА) што се одржува во Лисабон, Португалија.

Директорката на Охридско лето, Наташа Поповиќ и претседателката на Управниот одбор, Нина Момировска, во рамките на посетата ќе остварат средба со претседателот на ЕФА, Јан Бриерс, како и со претставници на останатите европски фестивали-членки на Асоцијацијата.

„Токму на најголемиот собир на кој присуствува културната елита од Европа и светот ќе ја истакнеме нашата успешната приказна. Пред европските делегати уште еднаш ќе потенцираме дека ’Охридско лето’ ги негува културните високи уметнички дострели според европските и светските стандарди. Конференцијата е одлична можност да се престави Фестивалот ’Охридско лето’ во најдобро светло, но, исто така и прилика на првите луѓе на ЕФА да им бидат врачени официјални покани за присуство на претстојното 59-то фестивалско издание“, вели Поповиќ.

Според официјалната агенда од 14 до 17 се одржува уметнички самит на фестивалите додека на 15 април е официјалното отворање на годинешново 67. Генерално собрание на ЕФА.

ЕФА асоцијацијата вклучува 100 фестивали од 40 земји. Фестивалот „Охридско лето“ од 1994 година е значаен партнер на Асоцијацијата.


 

Содржината е прочитана 71 пати.