Култура

Рецитал на виолинистката Ева Богоевска и пијанистката Маја Стојановска во Лисабон

четврток, 18 април 2019

После успешните настапи во Виетнам, Малезија, театарот „Марчело“ во Рим, концертот во „Карнеги Хол“ во Њујорк и успешниот концерт во Париз, виолинистката Ева Богоевска продолжува да концертира и да не претставува во светот.

На на 22 април 2019 година во концертната сала на Палатата Фоз во Лисабон позната како „Огледална сала“ португалската публика ќе има можност да го проследи рециталот на виолинистката Ева Богоевска и пијанистката Маја Стојановска. На рециталот нашите уметници ќе се претстават со дела од Моцарт, Бетовен, Шопен, Дебиси.

Концертот ќе се реализира со поддршка од Министерството за култура на РСМ.

Ева Богоевска нашата јавност ја препознава по мноштвото први награди кои ги освои на меѓународните реномирани фестивали и натпревари за класична музика во Санкт Петербург - Русија, Сан Ремо - Италија, во Њујорк како и освоеното Гранд При на интернационалниот фестивал за класична уметност во Израел.Таа е студент на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф.Олег Кондратенко.

Нашата реномирана пијанистка и пијано соработник Маја Стојановска веќе единаесет години живее во Португалија, каде работи како професор по пијано на Конзерваториумот во Монтижо и со голем успех активно концертира во Португалија.
 

Содржината е прочитана 107 пати.