Интервјуа

Грижата за здравјето и унапредувањето на неговата нега е главна цел на „ELPharma“

Интервју со Мара Акимовска, менаџер за продажба и маркетинг во ,„Европа Лек Фарма“ („ELPharma“), компанија која е сврзлива алка во фармацевтскиот синџир меѓу реномираните светски производители и нивните производи, па сè до пациентите и крајните потрошувачи. Акимовска појаснува што значи да се биде на две менаџерски позиции, каква е моменталната состојба во фармацевсткиот сектор во државата, но зборува и за тоа како успешно балансира меѓу приватниот и професионалниот живот

среда, 24 април 2019

МАРИЛИ: Во Југоисточна Европа „ELPharma“ е лидер во областа на обезбедувањето дополнителни фармацевтски услуги. Што точно се подразбира под тоа?
АКИМОВСКА:
Компанијата „ELPharma“ или, како што е нејзиното целосно име „Европа Лек Фарма“ ДООЕЛ Скопје, Македонија, е членка на интернационалната групација PHOENIX со седиште во Манхајм, Германија. Основен бизнис на „ELPharma“ е да обезбеди дополнителни фармацевтски услуги за домашните и за странските компании на територијата на Балканот. Од фармацевтските услуги (Pharma Services), во прв ред може да ги издвојам: маркетингот, регистрацијата на лекови, медицинските средства, додатоците во исхраната и медицинската козметика, царинското складирање на лекови или, популарно наречено, консигнација, логистичката поддршка на клиничките испитувања, терциерната обработка на лековите (вметнување внатрешни упатства и декларации) и дистрибуцијата. Тоа би значело дека претставуваме сврзлива алка во фармацевтскиот синџир меѓу реномираните светски производители, како што се: RICHTER GEDEON, MERCK (P&G HEALTH), URIAGE, NUTRICIA, HEMOFARM, ASPEN, MERUS, MEDIC PROGRESS, MAXMEDIKA и нивните производи, па сè до пациентите и крајните потрошувачи.
„ELPharma“ со својот тим вработени е тука да им овозможи на крајните корисници и на пациентите да се снабдат со квалитетни производи, а со тоа и со поквалитетна нега и одржување на здравјето на територијата на Македонија.

МАРИЛИ: Вашата компанија го поседува сертификатот „Коректна фирма“. Што значи тоа и какви придобивки ѝ носи ова на фирмата?
АКИМОВСКА:
Сертификатот „Коректна фирма“ постои на европскиот пазар од 2012 година. Ова е европски проект што се спроведува и има цел на повисоко ниво да ги истакне фирмите за кои е утврдено дека работат коректно со своите клиенти. Проектот се состои во пребарување на интернет-просторот за негативни „чувствителни фрази“ и дали тие фрази се поврзани со името на Вашата компанија. Ако не се пронајдени такви врски или бројот на негативни коментари е минимален, тогаш компанијата се стекнува со сертификатот „Коректна фирма“. Посебно ми е драго што сме препознаени како „Коректна фирма“, особено во ова време кога дигиталните медиуми како најголем мас-медиум даваат слобода секој да го напише своето мислење. Овој сертификат за нас претставува повратна информација дека нашето досегашно залагање, имплементирање и следење на стандардите во фармацевтската бранша, водењето грижа за нашите клиенти на едно повисоко ниво, ги дава очекуваните резултати што во иднина тежнееме да ги одржиме и да ги унапредиме.
Покрај сертификатот „Коректна фирма“, нашата компанија ги поседува и сертификатите ISO 14001:2015 и ISO 9001:2015, со што постојано обезбедуваме подобар квалитет и следливост на работните процеси и дадените услуги. Исто така, се грижиме за животната средина и претставуваме општествено одговорна компанија.

МАРИЛИ: Соработувате со фармацевтските веледрогерии. Како се одвива таа соработка и каква е состојбата во фармацевтскиот сектор во државата воопшто?
АКИМОВСКА:
Да, соработуваме со сите веледрогерии во Македонија и имаме воспоставено одлични професионални релации преку навремено снабдување со производи и со услуги и исполнување на нашиот дел од обврските во договореното. Наша основна цел е да бидеме во служба на унапредувањето на здравствената заштита на населението, како и да бидеме лидер меѓу веледрогериите во Македонија.
На состојбите во фармацевтскиот сектор влијаат повеќе фактори, вклучително и општествено-политичкото влијание, од една страна, што го прави фармацевтскиот сектор кревок, а, од друга страна, пак, сметам дека фармацевтскиот сектор сè уште е во период на транзиција. Преку имплементацијата на европските регулативи, средената ценовна политика на лековите од Агенцијата за лекови (МАЛМЕД) и Министерството за здравство, референтните цени на ФЗОМ, компетентноста на стручната фела и лојалната конкурентност на домашните и на странските фармацевтски компании присутни на македонскиот пазар, на свој начин придонесуваат и го прават стабилен фармацевтскиот сектор во Македонија.

МАРИЛИ: Како успешен менаџер во растечка компанија се здобивте со две позиции – менаџер на продажба и на маркетинг. Колку се сложени овие две позиции и каде е нивниот спој, со оглед дека фармацијата е една од најнапредните и најиновативните индустрии во светот?
АКИМОВСКА:
Маркетингот и продажбата се два нераскинливи сегмента што мора да функционираат заедно. Со добивањето на двете менаџерски позиции се здобив со севкупна слика за процесот на работа и со многу повеќе слобода да дејствувам во двата правци, на маркетингот и на продажбата во портфолијата на компаниите што ги застапуваме. Сега имам можност да го следам целокупниот процес, почнувајќи од креирањето на идејата, стратегијата, плановите, организацијата на активностите, контролата, корективните мерки, па сè до реализацијата и постигнатиот резултат. 
Сложеноста на двете менаџерски позиции се совладува и се надминува ако имаш професионален и посветен пристап во работењето, со тимски и позитивен дух, вештини во комуникацијата, преговарањето, презентацијата и мотивацијата, како и брза адаптација на промените што, може да кажам, се случуваат на дневно ниво во една растечка компанија како што е „ELPharma“ - компанија на PHOENIX, како и во фармацијата воопшто.

МАРИЛИ: Вие сте успешна жена менаџер, но и семејна жена. Како се постигнува балансот меѓу овие две витални сфери на животот, имајќи предвид дека сте професионално успешна?
АКИМОВСКА
: За мене успех е кога умеете да постигнете баланс во двете витални сфери на животот, професионалното и семејното. Основен двигател е постоењето на љубов и хармонија затоа што само така може да имаме бескрајна сила да реализираме сè што посакуваме. Апсолутно верувам во слоганот „кога се сака, сè е возможно“ и секогаш во позитивниот став и пристап кон работите воопшто! Навистина е потребна голема организација на времето за да се постигне рамнотежа меѓу обврските и задоволствата, но, за среќа, имам големо разбирање од семејството и секогаш се дополнуваме во извршувањето на обврските, така што стигнуваме и заедно да уживаме во слободното време.
Во секој час што не ми е посветен на работата, со задоволство ги подготвувам омилените јадења на моите најблиски, колачи, пити и кифлички по рецептот на мојата мајка, кои ме потсетуваат само на среќните семејни моменти, а таа традиција мора да се негува и да се зачува. Последнава година најголема радост ми донесе мојот внук Матео и новата улога во потесното семејството - баба или, како што моите ќерки и сопругот умеат да се пошегуваат со мене, супер модерна и бизнис ориентирана бабичка. Уживам и да ги пречекувам драгите пријатели и роднини во топлата атмосфера на нашиот дом, но, секако, наоѓам време да посетам и културни настани, концерти и други манифестации. Обожавам да ги посетувам европските метрополи и другите убави места во светот. Со еден збор - го сакам животот со сите негови убави компоненти и несовршености! 

МАРИЛИ: Дали покрај поддршката од семејството, постојат и други мотивации за да се истрае во успешната бизнис-приказна и колку наградите се сатисфакција и валоризација за направеното?
АКИМОВСКА:
Сметам дека професионалниот успех и наградите од каков било вид носат лична сатисфакција и чувство на реализирана личност. Секоја жена како дел од општеството, како дел од работниот тим, како дел од семејството и од сите други социјални групи во кои припаѓа, зазема одредена позиција и се стреми да достигне колку што е можно повисоко ниво. Работам во компанија и бранша во која има многу повисока цел кај сите нас лично, а тоа е грижата за здравјето и унапредувањето на неговата нега. Главен мотив ми е кога на крајот на денот знам дека сум направила нешто што ќе придонесе да се чувствувам подобро и поисполнето, а тоа нема цена. Тоа беше мој основен мотив и огромна желба кога го избрав и се запишав на Фармацевтскиот факултет во Скопје, а денес ми е особено драго што и понатаму го живеам својот сон.

 

Содржината е прочитана 499 пати.