Интервјуа

Трките на долги патеки се моја опсесија

Интервју со Адријана Поп Арсова, македонска рекордерка во маратон и прва жена во Македонија која истрчала маратонска трка под три часа. Таа зборува за љубовта кон трките на долги патеки, за тоа што е се потребно за да се издржат огромните напори, за одрекувањата, финансиските проблеми со кои се соочува за да обезбеди средства за трчањето

петок, 03 мај 2019

МАРИЛИ: Шеста година сте дел од атлетиката. „Кралицата на спортовите“ нуди многу спортски дисциплини, но Вашиот избор падна на најтешката - трките на долги патеки (полумаратон и маратон). Зошто?
ПОП АРСОВА:
Трките на долги патеки ми причинуваат најголемо задоволство и во мене будат чувство на исполнетост, на среќа. Едноставно, тие се моја опсесија. Физичката конституција што ја имам е како создадена за маратон. Се пронајдов себеси во долгите патеки уште од самиот почеток и решив да се посветам само на нив. Во последните година-две се фокусирав на маратон, што сè уште го „студирам'' и ми претставува голем предизвик за совладување.

МАРИЛИ: Желба, волја, сила, самодоверба, тренирање, посветеност, жртвување, исхрана или микс од повеќе фактори. Што е потребно да се биде успешен маратонец?
ПОП АРСОВА:
Пред се, потребна е голема волја, пронаоѓање и негување на мотивацијата преку целата година, силна ментална подготвеност за издржување на тренажниот процес и посветеност за реализација на целите. Добрата исхрана и одморот, секако, се неизоставен дел. Некогаш работите не одат како што се планира, меѓутоа самодовербата треба да се задржи на високо ниво што, секако, не е ни малку лесно, но може да се стекне со искуство.

МАРИЛИ: Животот на професионалните спортисти се разликува од останатите, или барем треба да се разликува. Каква жртва требаше да поднесете за да стигнете до нивото до кое сте моментно?
ПОП АРСОВА:
Кога се прави она што се сака, тогаш на работите не се гледа како жртва, туку како пат кој треба да се мине за да се стигне до целта. Мојот пат, можам да кажам, дека е прилично тежок. За мене лично, најтежок беше (и сè уште е) финансискиот аспект и тоа што требаше да работам екстра за да обезбедам средства за трчањето. Кога го велам ова, мислам на суплементи, на исхрана, спортска облека, патики, на трошоци за и при патување и на настапите. Сето тоа ми одземаше многу енергија и не можев целосно да се посветам на атлетиката во првите години. Последната година сум максимално посветена со фокус на резултатите. Секако, има и други одрекувања во однос на исхраната и останатите активности во текот на денот со цел телото да биде подготвено за секој нареден тренинг. Борбата е секојдневна, но според мене, упорноста се исплати и секогаш треба да се остане позитивен без разлика на околностите.
МАРИЛИ: Исхраната веројатно е високо на листата на фактори за успешни настапи и резултати и треба постојано да се внимава што и колку се внесува во организмот, а не ден-два или некоја недела. Какво е Вашето мени?
ПОП АРСОВА:
На исхраната, генерално, треба да се внимава низ целата година. Пред се, за да се остане здрав, да може да се тренира и телото побрзо да се регенерира. Моето правило е 80 отсто здрава исхрана и 20 отсто „нездрава“. Тоа значи дека понекогаш си дозволувам работи што спаѓаат под „нездраво“ како слатки, торти, хамбургери, итн. Таквата исхрана психолошки ме растоварува и телото најдобро ми реагира. На моето мени воглавно се застапени овошјето, зеленчукот, јаткасти плодови, месо, риба, јајца, млечни производи, компир, тестенини. Кај секого е индивидуално, но, сепак, не треба да се отиде во другата крајност што може да доведе до развој на орторексија или, пак, преокупираност со здрава храна која, секако, не може да се одржува на долг рок. Потребен е баланс. Неделата пред трка внимавам да внесувам квалитетни намирници како погоре наведените и го зголемувам внесувањето јаглехидрати.

МАРИЛИ: Како се справувате со кризите за време на трките, дали пресудува само силата и искуството или и менталната способност има свој удел?
ПОП АРСОВА:
Во текот на трка подеднаква улога имаат и физичката подготвеност и менталната подготвеност и самодовербата. Во тек на маратон криза е неизбежна и секогаш има голема борба, пред се, со себе, а потоа и со конкуренцијата. Маратонот е голем тест на човечката волја. Кога ќе се соочам со криза размислувам само на крајната цел и се обидувам да го игнорирам физичкиот дискомфорт. Сепак, искуството нè учи како да се избориме до крај. Затоа треба што повеќе одмор, внимавање на исхраната и позитивна мисла.

МАРИЛИ: Зад Вас е една исклучително успешна година на натпреварувачки план. Колку импресивните резултати што ги постигнавте се помош во изнаоѓање поддршка од спонзори?
ПОП АРСОВА:
Можам да кажам дека работите тргнаа на подобро. Полека се придвижуваат и одат во позитивен правец. Сè уште се е во процес и во 2019 година, во секој случај, очекувам многу поголема поддршка одошто беше случај во 2018 година.

МАРИЛИ: Каква е состојбата со атлетиката вооопшто во Македонија?

 ПОП АРСОВА: Трчањето во Македонија во последниве години зема се поголем замав, а каде што има квантитет, има и квалитет. Атлетиката сè уште е третирана на најниско ниво, но доста работи се променија на подобро и се надевам дека така и ќе продолжи. На нас атлетичарите ни преостанува да напредуваме со резултатите, што е најдобра промоција и за нас самите и за атлетиката воопшто.

МАРИЛИ: Пет државни рекорди од кои три во најдолгата дисциплина и два на пократки делници во различни услови во 2018 година. Патем станавте и прва македонска атлетичарка со време под три часа во маратонска трка. Кои се Вашите амбиции за 2019 година?
ПОП АРСОВА:
Во 2018 година остварив речиси се што имав замислено и сум пресреќна заради тоа. Сепак, моето мото е секогаш може подобро. Во 2019 година ќе се обидам да ги подобрам досегашните резултати, па ќе видиме како ќе биде. Сè уште е рано за конкретни резултати. Важно, напорно тренирам и се надевам дека тренингот добро ќе го апсорбирам и ќе покажам подобри резултати оваа година.
 

Содржината е прочитана 180 пати.