Бизнис вести

Објавен првиот тендер за изградба на фотоволтаични електрани на државно земјиште

Предвидено е на вкупно 11 парцели кои се наоѓаат на две локации во Свети Николе и во Македонски Брод да се градат електрани од еден, два, пет и од десет мегавати

понеделник, 10 јуни 2019

Објавен е првиот тендер за изградба на фотоволтаични електрани на државно земјиште. Предвидено е на вкупно 11 парцели кои се наоѓаат на две локации во Свети Николе и во Македонски Брод да се градат електрани од еден, два, пет и десет мегавати. На локацијата Азимбегово во Свети Николе предвидени се 6 парцели за фотоволтаични електрани од еден мегават, 2 парцели за од два мегавати и по една за од пет и од десет мегавати, додека локацијата Манастирец во Македонски Брод е предвидена една парцела од 10 мегавати. Земјиштето се доделува на 50 години. Тендерот е отворен до средината на август, а понудите ќе бидат отворени јавно на 21 август.

Заинтересираните инвеститори треба да обезбедат банкарска гаранција во висина од 1.200 денари по киловат инсталирана моќност, односно, околу 20 илјади евра за фотоволтаична електрана од еден мегават. Комуналната такса нема да биде повисока од 0,5 евра за квадратен метар, а договорената цена за приклучок со ЕВН е меѓу 22 и 33 илјади евра. По добивање на тендерот инвеститорот треба да потпише банкарска гаранција дека ќе ја изгради електраната во предвиднеиот рок од 4.650 денари по еден киловат инсталирана моќност, односно околу 75 илјади евра за еден мегават.

Воцепремиерот за економски прашања, Коќо Анѓушев денеска во Стопанската комора појасни дека државата обезбедила правна сигурност со тоа што сите инвеститори имаат предвидливи услови за финансирање.

„Процедурата е многу јасна и нема комплицирани услови за учество. Единствен услов за добивање на локацијата ќе биде минималниот премиум, односно, кој ќе побара најмала поддршка од државата“, рече Анѓушев.

Максималниот баран премиум од државата изнесува 15 евра по мегават час произведена електрична енергија, додека минималниот што може еден инвеститор да го понуди е 0,01 евро. Доколку двајца понудат 0,01 евро ќе има позитивна аукција за еднократен надомест.

„Државата ќе ги заврши сите административни постапки во име на инвеститорот со цел тој да не губи време во административни работи. Исто така, ќе урбанизира земјиштето, ќе го пренамени во градежно и откако ќе го добие тендерот, инвеститорот ќе треба само да изгови основен проект, еколошки елаборат и да набави опрема“, појасни Анѓушев.

Еден инвеститор може да аплицира најмногу за три парцели, а инвеститорите кои ќе аплицираат за два, пет и десет мегавати, нема да може да аплицираат за парцелите од по еден мегават исталирана моќност.

Ова се првите 35 мегавати од вкупно планираните 200 мегавати фотоволтаични центарли со систем на премиуми. Анѓушев најави дека за неколку недели ќе биде објавен и тендерот за приватно земјиште каде ќе бидат уште 27 мегавати, што значи вкупно 62 мегавати.
 

Содржината е прочитана 105 пати.