Интервјуа

Љубовта кон аматерскиот филм крунисана со Grand Prix за едноминутниот филм „Црно или бело“

Интервју со Јане Темелковски, долгогодишен фотограф на агенција „Марили“ во кое говори за наградата добиена на Државниот фестивал на непрофесионален филм за својот едноминутен филм со кој ќе ја претставува Македонија на Светскиот фестивал на непрофесионален филм УНИКА во Холандија, но и за значењето на аматерскиот филм за нашата професионална кинематографија Наградениот филм ексклузивно може да го погледенете на почетокот на интервјуто

среда, 19 јуни 2019

МАРИЛИ: Господине Темелковски, добитник сте на наградата Grand Prix на Државниот фестивал на непрофесионален филм. Кажете ни нешто повеќе за самиот фестивал, од кога се одржува, кој го организира, каква е конкуренцијата, односно, колку автори учествуваа и во кои категории? 
ТЕМЕЛКОВСКИ:
Во организација на Кино Сојузот на Македонија, Народна техника на Македонија и Општина Крушево, со средства од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија по 48. пат се одржа Државниот фестивал на непрофесионален филм. На фестивалот беа пријавени 56 филмови од 45 автори, а жирито во состав: Миле Петковски-претседател, Илинденка Петрушева и Ана Опачиќ избра 18 филмови за прикажување во официјалната селекција.

МАРИЛИ: Вие ја добивте најважната награда на фестивалот, но и наградата за режија за Вашиот едноминутен филм „Црно или бело“. Како настана филмот, што Ве инспирираше да го направите и за што зборува?
ТЕМЕЛКОВСКИ:
Идеата за филмот дојде сосема случајно. Бев асистент на светло на филм што го снимаше мојот колега од Академски кино клуб – Скопје, Петре Чаповски. На локацијата каде што снимавме, во подземните гаражи на една зграда, имаше многу растурен смет, картонски кутии, расфрлени ќеси и хартија, остатоци од храна, пластични и стаклени шишиња. Застрашувачка глетка од еколошка гледна точка. Тажно поради сознанието дека тука, во ова ѓубриште доаѓаат, преспиваат и живеат бездомници. Луѓе. Во еден момент се присетив на еден човек, бездомник кој секогаш седи на една скала во близината на Министерство за труд и решава некакви крстозбори... Некој ми рече дека тој човек имал завршено економски факултет. Помислив, можеби и тој човек доаѓа тука или на некое слично место, каде би одел инаку! Во следниот момент веќе го имав целиот филм во глава. Вечерта го напишав сценариото... И така, се случи „Црно или бело“ 

МАРИЛИ: Вие ќе ја претставувате Македонија на Светскиот фестивал на непрофесионален филм УНИКА 2019, што летово ќе се одржи во Холандија. Што значи тоа за Вас и какви се Вашите очекувања од Светскиот фестивал?
ТЕМЕЛКОВСКИ: Огромна чест и задоволство е што мојот филм е еден од деветте филмови кои ќе ја претставуваат нашата земја на Светскиот фестивал за непрофесионален филм УНИКА 2019. Не се оптоварувам многу со тоа како ќе помине филмот таму. Важно ми е што ќе оствари комуникација со помногубројна публика, а ако освои некаква награда, ќе биде прекрасно.

МАРИЛИ: Долги години сте дел од аматерското производство на филм, поточно 20 години сте член на Академскиот кино клуб. Од каде љубовта кон правење филмови, со оглед дека тоа не е Ваша професионалност?
ТЕМЕЛКВСКИ:
За разлика од фотографскиот, филмскиот јазик е поинаков, нуди други можности за изразување. Кога фотографираш, замрзнуваш еден момент, една секвенца од некој настан. Тоа е истовремено и предност и недостаток на фотографијата во однос на филмот, зависно од потребите и од тоа каква порака треба да се пренесе. Филмот нуди можност да се следи цело дејствие на една приказна, за на крајот да се дојде до некаква поента.

МАРИЛИ: Какво значење има аматерскиот филм за македонскиот професионален филм и каков е квалитетот на нашите аматерски филмови?
ТЕМЕЛКОВСКИ: Непрофесионаниот филм е првото скалило на патот кон професионалниот филм. Скоро сите големи имиња во светот на филмската продукција своите први филмски чекори ги направиле токму со непрофесионални, непрофитни филмови. Последниве години кај нас и во светот терминот аматерски филм предизвикува многу полемики. Снимени се многу непрофесионални филмови кои според квалитетот, технички и естетски во ништо не заостануваат зад професионалните. Од друга страна, сме виделе скапо платени „професионални“ филмови кои не ги исполниле условите за да може да се наречат добри професионални филмови.

МАРИЛИ: Има ли интерес кај младите генерации за правење аматерски филмови, колку се тие успешни во тоа и што е најважно за еден филм да биде успешен, дали идејата, односно инспирацијата за избор на темата, или можеби примената на современата технологија при изработката на филмот?
ТЕМЕЛКОВСКИ: Се поголем е интересот на младите за снимање вакви филмови. Тука имаат можност да искажат став, своја идеја, свои размислувања за одредени случувања, а оние, пак, кои се со поголеми амбиции, да се обидат да се наметнат на филмската сцена. За да се направи добар филм, најважно е, пред се, да се има добра идеја која ќе биде пренесена со филмскиот јазик. Покрај сите предности кои ги имаат тие што работат на професионалнот филм, како техниката што ја имаат на располагање, големите екипи... и непрофесионалниот филм има една предност. Тој е целосно независен. Независен од продуценти, од спонзори, финасиери... кои многу често, следеќи го својот интерес вршат притисок врз режисерите за промена или исфрлање на некоја сцена, или кадар, што понекогаш може да ја промени основната идеја на филмот. Од тие причини авторите на непрофесионалните филмови се потполно независни, можат да си дозволат своите идеи да ги пренесат токму така како што ги замислиле. Неоптоварени со комерцијалниот ефект на нивниот филм, можат да бидат да бидат похрабри во својот израз, не толку конвенционални, понекогаш дури и радикални. Секако, доколку отидат во крајност, тука е секогаш стручното жири.

МАРИЛИ: Вие сте голем љубител и на фотографијата. Сте биле ангажирани за поголем број компании, а соработката со агенција „Марили“ во подготовка на Бизник каталогот трае веќе 20 години. Колку се менуваше квалитетот, но и формата на фотографирање за потребите на овој проект низ годините?

ТЕМЕЛКОВСКИ: На почетокот, кога јас се вклучив во овој огромен проект, се уште работевме со аналогни фото-камери. Имаше некоја топлина во фотографиите направени со овие апарати. Има и малку носталгија кај мене кога се присетувам на тие времиња, но, несомнено, со доаѓањето на новата дигитална технологија и можностите што ги добивме со овие фото-камери квалитетот на фотографиите се зголеми многукратно. Не само поради големата резолуција на дигиталните камери, туку и поради можноста на лице место да се провери фотографијата, да се повтори ако е потребно, да се избере друг агол, да се интервенира во пост-продукција... Истовремено, каталогот се развиваше во секој поглед. Дизајнот и печатењето достигнаа завидно ниво, а содржините секогаш се актуелни и беспрекорно обработени. Заедно созревавме, на што сум посебно горд.

МАРИЛИ: Каков е Вашиот впечаток по однос на правењето персонална фотографија на менаџерите, колку тие и придаваат значење со оглед на можноста таа фотографија да ја видат огромен број луѓе преку интернет изданието на каталогот, но и преку социјалните мрежи?
ТЕМЕЛКОВСКИ
: Многу им значи. Тоа го гледам во односот што го имаат кон мене додека ги фотографирам. Се трудат да го направат тоа што ги замолувам и целосно соработуваат со мене. Бидејќи, за да се направи добар портрет мора да има интеракција. Јас, пак, се трудам да ги опуштам за да изгледаат што поприродно, да го изберам аголот што највеќе им одговара, да се вклопат убаво со позадината и најважното, да го изберам најсоодветното светло според нивната физиономија. 

МАРИЛИ: Кои се најубавите предели од нашата земја од каде сте направиле фотосесии и колку време и напор е потребно за да се стигне до вистинската локација за да биде фотографирана во вистинско време?
ТЕМЕЛКОВСКИ:
Македонија е мала земја, но изобилува со прекрасни места и локации за фотографирање. Навистина е тешко да се издвојат само неколку. Секој регион има своја автентична убавина. Суров, каменест, див... Мариово ми е омилен предел за фотографирање. Во повеќето од мариовските села човек се чувствува како да е во 17. век. Селото Зовиќ, со својот „филмски“ мост и егзотичната клисура на Градешничка река се навистина прекасни. Околината на Прилеп, Маркови кули, манастирот „Трескавец“ со својата околина и со огромните црно-кафено-сиви карпи кои наликуваат на некаков „месечев“ пејсаж се неисцрпен мотив за фотографирање. Пештерите пред Лесновски манастир, Куклици, Цоцев Камен, Кокино, мостот Еленски Скок на Гарска река, пештерата Пешна... Да се дојде до некои локации е потребна добра физичка подготвеност, а понекогаш и храброст, но, сепак, за да се направи добра фотографија најважно е да се фотографира во право време. Право време во годината и право време во денот, а тоа за секоја локација е различно.

МАРИЛИ: Кои се Вашите планови за во иднина? 
ТЕМЕЛКОВСКИ:
Нови филмови и многу фотографии.
 

Содржината е прочитана 375 пати.