Интервјуа

Вештачката интелигенција е дефинирачка технологија на нашето време

Интервју со Кати Ицева, менаџер за софтверско инженерство во „Microsoft“ и член на Одборот на директори на Македонија 2025 во кое говори за значењето и можностите што ги нуди Самитот, за улогата на жените во развојот на технологијата, за остварувањето на сонот да биде дел од тимот на „Microsoft, како и за сопствените приоритети при трошењето на своите 24 часа

понеделник, 01 јули 2019

МАРИЛИ: Бевте дел од Самитот Македонија2025 што се одржа кон крајот на минатата година. Од 2018 година сте и член на Одборот на директори на Македонија2025. Од тој аспект, кажете ни што значи овој Самит за развојот на Македонија? 
ИЦЕВА:
Во изминативе 10 години Македонија 2025 помага во изградбата на силна нација, поврзувајќи и помагајќи во развојот на македонските лидери, дејности и организации. Почестена сум што неодамна станав дел од Одборот на директори и со нетрпение очекувам да го дадам својот придонес. Самитот на Македонија2025 е клучен настан кој го гледам како платформа за размена на идеи, каде може да се слушне за трендовите и иновациите во различни сфери, да се истакнат македонските успешни бизниси и како настан кој нуди многу можности за вмрежување. На Самитот имаше говорници од различни сфери: бизнис, економија, технологија, здравство, кои споделија различни искуства од различни земји. Се надевам дека тоа беше шанса учесниците да слушнат различни перспективи, инспирирајќи иновација во Македонија, неопходна за континуиран развој. Од друг аспект, беа презентирани македонските успешни приказни и тоа претставуваше можност за афирмација на Македонија меѓу посетителите, но и поттик за домашните учесници.
МАРИЛИ: На Самитот зборувавте за најновите технологии и трендови во светот на дигитализацијата, а особено за алатките со кои може да се креираат решенија за неколку часа. Колку овие алатки се применливи кај нас?

ИЦЕВА: Серијата најнови технолошки трендови и развој, им помогнаа на бизнисите од сите големини да ги интегрираат најновите технологии. Голем број софистицирани алатки што поддржуваат дигитална трансформација се нудат во „облак“, преку интернет, со што тие се еднакво пристапни во секое географско подрачје. Исто така, овие алатки имаат софистицирани апстракции и релативно ниски трошоци за почнување на бизнисот, со што лесно може да бидат испитани и од помалите бизниси кои не можат да си дозволат големи инвестиции однапред, а македонските бизниси и организации не се исклучок од ова. На ваквиот развој гледам како на голема можност Македонија да оствари економски развој, интегрирајќи ја технологијата во бизнисите и во организациите, обезбедувајќи современи конкурентни решенија.

МАРИЛИ: Каква е иднината на вештачката интелигенција и нејзината практична примена во малите и во средните претпријатија?

ИЦЕВА: Без сомнение, вештачката интелигенција е дефинирачка технологија на нашето време и нуди практични примени за сите бизниси и организации од сите домени и големини. Таа може да помогне да се обезбедат побрзи согледувања и да се автоматизираат многу процеси. Може да се користи за да се предвиди продажбата, да се помогне во одржувањето, во земјоделството, да се помогне во идентификувањето на деловните можности или на клиентите да им се понудат попаметни, побрзи и поефикасни услуги. До неодамна таа повеќе беше привилегија на поголемите компании бидејќи за нејзино користење беа потребни експерти и скапи компјутерски ресурси. Меѓутоа, во последно време гледаме демократизација на вештачката интелигенција. Таа доаѓа како услуги во јавниот „облак“, што имаат вградено или директно нудат вештачка интелигенција и преку пософистицирани алатки за вештачка интелигенција, со што им се олеснува дури и на најмалите компании и организации да користат вештачка интелигенција без големи инвестиции.

МАРИЛИ: Колку во менаџментот на тимовите што се занимаваат со овие современи технологии се застапени жени?

ИЦЕВА: Технологиите што ги градиме денес ќе го обликуваат човековиот живот утре и, според тоа, мислам дека е многу важно жените да имаат еднакво право на збор во тоа како и каква технологија ќе се развива. Исто така, тоа е одлична можност за кариерата што еднакво треба да им биде достапна на мажот и на жената. Меѓутоа, за жал, жените сè уште се многу малку застапени на лидерските позиции во технологијата. Во неодамна објавената статија во „Форбс“ се вели дека „жените имаат само 5 проценти од лидерските позиции во индустријата за технологија, а во повеќе од две третини нови американски компании нема ниедна жена во нивните одбори на директори“. Со 19,7 проценти лидерски позиции што ги извршуваат жените, бројките во „Microsoft“ се подобри, но јазот сè уште е голем. Го сметам за охрабрувачки тоа што во изминативе години е зголемена свеста за ова прашање. Потврда за тоа е дека на прославата на жените во компјутерството „Грејс Хопер“, најголем собир на жени во компјутерството чија цел е во преден план да се стават кариерите на жените во оваа област, имаше 4.500 учесници во 2013 година, на која присуствував и јас, а оваа година имаше максимален капацитет од 18.000 присутни, со значително застапување на големите технолошки компании.
Исто така, охрабрува да се види како многу водечки технолошки компании вложуваат напори за да ги поместат работите, од поттикнување на жените да го истражуваат компјутерството до отворање на работните места за нивно поголемо вклучување. На пример, „Microsoft“ нуди програми, како што е DigiGirlz, кои им даваат можност на девојките од средно училиште да учествуваат во директни компјутерски и технолошки работилници, да учат за кариерите и за технологијата и да се поврзуваат со вработени во „Microsoft“.

МАРИЛИ: Седумнаесет години сте надвор од Македонија. Колку беше тешко да се стане дел од тимот на „Microsoft“?
ИЦЕВА:
Уште како мала многу сакав математика и се натпреварував на републичко и (тогашно) сојузно ниво. Тоа ме наведе да студирам компјутерска техника и информатика на Електротехничкиот факултет во Скопје. За време на студиите бев активно вклучена во ИАЕСТЕ, прекрасна организација што сè уште е многу активна, на која ѝ должам за меѓународното работно искуство во текот на студиите. По дипломирањето и краткото работно искуство во Македонија, заминав на постдипломски студии на Worcester Polytechnic Institute во Ворчестер, Масачусетс, каде што добив стипендија, а работев и како асистент. За време на постдипломските студии добив летна практика во „Microsoft“, благодарејќи на истражувањата на кои работев, добрите оценки, натпреварите и претходното искуство во ИАЕСТЕ. По успешната пракса, ми понудија да се вратам на постојана работа по завршувањето на студиите. Тоа беше остварување на мојот професионален сон. Ми се даде можност да придонесувам во иновирањето на најновите технологии, притоа соработувајќи и учејќи од врвни експерти во индустријата. Тоа е една од главните причини што сè уште сум во „Microsoft“.

МАРИЛИ: Во Македонија има сè поголем број ИТ-инженери – жени. Па, која е пораката до нив, како да напредуваат во кариерата и да стигнат до менаџерски позиции?
ИЦЕВА: Мислам дека повеќето совети во однос на кариерата еднакво се однесуваат и на мажите и на жените. Меѓутоа, како што имплицирате, жените, особено во областа во која не се доволно застапени, како што е техниката, обично се соочуваат со дополнителни предизвици. Некои од овие предизвици потекнуваат од несвесна пристрасност што ја искажуваат и мажите и жените. Исто така, не помага многу ни фактот дека има помалку примери на кои ќе се огледувате. Дополнително, жените, кои обично преземаат диспропорционален товар и од семејните обврски, понекогаш потешко може да одговорат на барањата за брза динамика. За да ова се смени, мислам дека и мажите и жените треба да бидат свесни за несвесната пристрасност бидејќи не можеме да смениме нешто што не го препознаваме. За жените може да биде засилувачко разбирањето дека одредени предизвици не им се единствени само ним. На пример, една карактеристична приказна е кога жените ќе споделат идеја на некој состанок, машкиот колега ќе ја повтори и заслугите одат кај машкиот колега. Жената што нема никакви сознанија за несвесната пристрасност би можела да не реагира или да мисли дека причината за исходот би можела да биде во начинот на кој таа ја претставила идејата. Меѓутоа, свеста дека ова обично се случува би можело да ја охрабри за да каже: „Ви благодарам што ја поддржавте мојата идеја“. Исто така, ги охрабрувам жените да бидат погласни во славењето на својот успех, посамоуверени во нивните способности и поотворено да искажуваат интерес за можностите. Помала е веројатноста дека тие ќе им бидат понудени ако другите не знаат дека тие се заинтересирани.

МАРИЛИ: Дали и што треба да се менува во образовниот систем во Македонија за да бидеме општество со високоприменливи технологии?
ИЦЕВА:
Веќе долго живеам во Америка, па моето искуство со сегашното македонско образование е многу лимитирано и затоа ќе одговорам погенерално. Денес иновациите и развојот се случуваат многу брзо и затоа мислам дека е важно децата да не учат само факти, тука да ја развијат љубовта кон науката, да бидат љубопитни, самоуверени, да имаат храброст да пробуваат нови работи и да станат способни за критичко размислување. Тоа ќе им овозможи полесно да се адаптираат на предизвиците кои постојано се менуваат. Живееме во време кога информатиката е вградена во сите аспекти на реалниот свет, кога секоја организација станува технолошки водена, а компјутерската наука помага во подобрувањето на животите на луѓето во многу аспекти. Според тоа, важно е компјутерската наука да стане интегрален дел од образованието на секое дете. Тоа не значи дека секое дете ќе стане компјутерски научник, но потребно е основно разбирање за тоа како таа функционира и како може да се примени, исто како што познавањето на основите на биологијата, физиката или на литературата им е полезно на сите. 
МАРИЛИ: Колку динамиката во „Microsoft“ и животот во напредно општество, како што е во САД, дозволуваат да имате приватно време за себе и за Вашето семејство? Колку често ја посетувате Македонија?
ИЦЕВА:
Како што укажавте, работната атмосфера во „Microsoft“ е многу динамична, темпото е многу брзо и лесно може да го заземе целото време. Но, без разлика каде живееме и работиме, сите ние имаме по 24 часа во денот и наша е одлуката како ќе ги потрошиме. Мои приоритети се семејството, работата и здравјето и се трудам тоа да се одрази во тоа како го поминувам времето. Со сопругот Алек имаме две прекрасни деца Филип 13 и Миа 9 години, кои се наш прв приоритет. Работното време ми е фиксно и тоа ми овозможува полесно да ги балансирам приоритетите.
Во Македонија доаѓаме секоја година и, иако често остануваме кратко, сè уште чувствуваме силна поврзаност со семејството и со пријателите. Иако двете деца ни се родени во Америка, со редовните посети имаат можност да градат врски со роднините и со пријателите во Македонија, да го вежбаат македонскиот јазик, да ја запознаат Македонија и да ја чувствуваат како своја татковина.
 
Содржината е прочитана 216 пати.