Интервјуа

ФК Академија Пандев за пет години од општинска лига до Европа

Интервју со Југослав Тренчовски, првиот тренер и шеф на стручниот штаб на струмичкиот клуб во кое говори за спојот на млади талентирани и искусни фудбалери како стратегија со која е изградена оваа успешна фудбалска приказна и за историските успеси во домашното фудбалско првенство кои му донесоа пласман во европските клупски натпреварувања, во квалификациите на Лигата на Европа

вторник, 09 јули 2019

Фудбалскиот клуб Академија Пандев од Струмица, во својата втора натпреварувачка сезона во најквалитетното фудбалско натпреварување во Македонија, го освои пехарот на Купот на Македонија, а третото место во првенството. Овие два успеха и пласмани на струмичкиот клуб му донесоа пласман и натпреварување во европските клупски натпреварувања, поточно во квалификациите на Лигата на Европа.
Пласманот на третото место во шампионатот на Првата фудбалска лига на Македонија, а особено освојувањето на Купот на Македонија, претставува прв и најголем успех во кратката историја на клубот. Имено, ФК Академија Пандев од Струмица е основан во 2010 година на иницијатива на најдобриот фудбалер и играч со најголем број настапи за македонската фудбалска репрезентација, Горан Пандев, кој е главен патрон и спонзор на клубот. Во првите години од постоењето на ФК Академија Пандев се работеше исклучително со млади категории фудбалери, од пионери до младинци. Во 2014 година формиран е сениорскиот тим на Академија Пандев, кој беше вклучен да се натпреварува во Општинската фудбалска лига на Струмица, во која убедливо го освои првото место и се пласираше во сезоната 2015/2016 да се натпреварува во Третата фудбалска лига - Исток. И во третолигашка конкуренција Академија Пандев супериорно го освои првото место и обезбеди пласман и учество во Втората фудбалска лига на Македонија во сезоната 2016/2017 година. Успешните резултати продолжија и во второлигашка конкуренција, во која Академија Пандев повторно беше убедливо прва и се избори за учество во најквалитетното фудбалско натпреварување во Македонија. Наредната натпреварувачка сезона 2017/2018 година Академија Пандев, како дебитант во Првата лига со речиси најмлада екипа, го освои шестото место, а тоа беше еден вид увертира за успешниот настап и за резултатите на клубот во оваа натпреварувачка сезона 2018/2019 и освојување на првиот трофеј во сениорска конкуренција, Купот на Македонија. Сите овие показатели, односно резултати и успеси во деветгодишната историја и постоење, ФК Академија Пандев го апострофираат како најуспешна фудбалска и спортска приказна во Македонија.
Еден од творците на успесите на Академија Пандев е првиот тренер и шеф на стручниот штаб на струмичкиот клуб, Југослав Тренчовски, кој во Академија Пандев е од неговото формирање, па затоа можеби е најмеродавен да нѐ информира за оваа успешна спортска приказна.


МАРИЛИ: Ова интервју е по повод освојувањето на Купот на Македонија, но и високата позиција што ја зазема Академија Пандев во прволигашката лига - трето место, со што Ви се отвораат вратите на европските натпреварувања. Со сето ова сте хит на сезоната во фудбалот. На што се должат сите овие успеси?
ТРЕНЧОВСКИ:
Успесите на Академија Пандев се должат, пред сѐ, на добрата организираност на клубот и на добрата стратегија на работа со давање шанси за игра на млади играчи од сопствената фудбалска школа, помогнати со неколку искусни фудбалери, како што се Пандев, Стојков, Шиков, Балдовалиев и други, со кои се направи успешен спој на младост и искуство. Сето оваа време имавме голема помош и поддршка од нашиот патрон и спонзор Горан Пандев, кој не само што ни помага финансиски, туку и со набавка на современа апаратура за следење на физичките и на играчките перформанси на фудбалерите. И, особено, со подобрувањето на фудбалската инфраструктура со изградбата на Фудбалскиот центар „Пандев“, во чии рамки има одличен фудбалски терен направен според современи европски стандарди, како и комплексот на простории во клупската зграда, во кој има простории за функционирање на клубот, повеќе соблекувални, хотелски простории за сместување на играчите, ресторан за исхрана и сѐ она што е потребно да има еден фудбалски комплекс на добро организиран и современ фудбалски клуб.

МАРИЛИ: Колку време сте тренер во Академија Пандев и со која стратегија и тактика успеавте да го доведете тимот на оваа позиција? 
ТРЕНЧОВСКИ:
Во ФК Академија Пандев сум од неговото формирање, заедно со неговиот основач и ментор Горан Пандев и Илија Матеничаров. Прво работев како тренер на пионерските категории, потоа како координатор на сите млади категории екипи на клубот, а од април 2018 година го презедов раководењето како прв тренер и шеф на стручниот штаб на сениорскиот тим на Академија Пандев. Во сегашниот прв сениорски тим на клубот има млади играчи со кои сме заедно повеќе години, односно од основањето на клубот, па до денес. На овие млади и талентирани фудбалери им додадовме неколку искусни и квалитетни играчи што повеќе служеа како ментори и пример за младите. Направивме еден спој на млади талентирани и искусни фудбалери и со нивна добра вклученост во тимската целина, како и со квалитетната стручна работа ги остваруваме очекуваните резултати.

МАРИЛИ: Во Вашиот клуб има многу млади фудбалери и таленти. Дали тоа беше само Ваша одлука или и на стручниот штаб да работите со талентиран подмладок?
ТРЕНЧОВСКИ: Нашата интенција и стратегија, уште од формирањето на клубот, беше да се форсираат колку што е можно повеќе млади фудбалери за нивно фудбалско созревање за понатамошна интернационална кариера. Па, така, веќе имаме двајца млади интернационални фудбалери што произлегоа од фудбалската школа на Академија Пандев, а тоа се Кристијан Трапановски, член на чешкиот прволигаш Славија Прага, и Јани Атанасов, кој стана член на турскиот прволигаш Бурса. Очекуваме и на повидок имаме интернационален трансфер и на уште некој млад фудбалер од нашиот клуб. Тоа се должи на добрата и стручна работа со младите категории фудбалери, а како резултат на тоа оваа година и сезона со шампионска титула се закити нашата млада екипа У-17, а во изминатите години освоени се неколку куп титули во младинска, кадетска и пионерска конкуренција.

МАРИЛИ: Македонскиот фудбал по подолго време конечно почна да бележи резултати и тоа почнувајќи од клубовите, па сѐ до репрезентацијата. Кој е Вашиот став за тоа што најитно треба да се направи за отсега, па во наредниот период да изградиме поконкурентен фудбал во европски и во светски рамки?
ТРЕНЧОВСКИ:
Пред сѐ, треба да се подобри инфраструктурата на фудбалските клубови, со соодветни стадиони, простории и фудбалски терени, особено помошни терени за квалитетни тренинзи и натпревари. Потоа е многу битно подобрувањето на стручната работа во младите категории во клубовите бидејќи од овие млади категории треба да потекнуваат идните првотимци, репрезентативци и интернационалци. Трето, задолжително учество на младите екипи на квалитетни меѓународни турнири со квалитетни и еминентни клубови, на кои нашите млади играчи и тренери би добиле поголемо искуство, но и согледување како се работи во познатите и добро организирани европски клубови.

 

 

 Пандев: „Цел ни е да бидеме вистински репрезенти на македонскиот фудбал, како на клупско, така и на репрезентативно ниво“
 

За оваа успешна спортска приказна на Академија Пандев најголем „виновник“ е нашиот најдобар фудбалер на сите времиња, репрезентативец со најмногу настапи за македонската фудбалска репрезентација и светски познат интернационалец Горан Пандев, кој е основач на ФК Академија Пандев и негов ментор и финансиер.

МАРИЛИ: Господине Пандев, сметате ли дека конечно е оправдана Вашата инвестиција во овој клуб и какви се плановите за клубот во иднина?
ПАНДЕВ:
Навистина сум среќен за постигнатиот успех на Академија Пандев во оваа сезона. Мојата цел при формирањето на клубот беше да им се помогне на младите фудбалски таленти да го презентираат и да го надградуваат својот потенцијал преку Академија Пандев. Ние само треба да служиме како сервис на овие млади и талентирани момчиња. Секако, по оваа успешна сезона сум горд на тимот, но мора да продолжиме со исто темпо да се надградуваме инфраструктурно и да се надградуваме на секое друго поле. Иднината ни носи нови предизвици, а тоа треба да го прифатиме со уште поголема посветеност во стручната работа на тимот и, секако, да продолжиме со трендот да бидеме најмладиот тим во Прва лига. Сакаме да бидеме вистински репрезенти на македонскиот фудбал, како на клупско, така и на репрезентативно ниво.

 

ШАМПИОНСКА ТИТУЛА ЗА У-17

По првиот и историски трофеј на Академија Пандев во сениорска конкуренција со освојувањето на Купот на Македонија, оваа година и сезона Академија Пандев оствари уште еден историски успех. Имено, младата екипа и селекција на Академија Пандев У-17 (фудбалери родени во 2002 година и помлади) предводена од искусниот тренер и фудбалски стратег Шефки Арифовски, стана државен првак и шампион на Македонија, што е прва државна шампионска титула на Академија Пандев во која било категорија на натпреварување. За овој, исто така, историски шампионски успех на Академија Пандев, тренерот на младите фудбалери на Академија Пандев, Шефки Арифовски изјави:
„Овој успех се должи на талентот и на квалитетите на оваа генерација млади фудбалери на Академија Пандев, кои се заедно од пионерските години, како и на добрата и квалитетна стручна работа не само во оваа туку и во претходните години и сезони и, секако, на големата поддршка од сите структури на клубот. Во текот на целата првенствена сезона на првото место се менувавме со екипата на Вардар, а на крајот Академија Пандев да биде поуспешна и со 2 бода повеќе да ги освоиме првото место и шампионската титула во Супер лигата за оваа млада категорија У-17.

 

Содржината е прочитана 144 пати.