Култура

Младите музичари Инес Неделковска и Рикардо Хуна го најавија Охридско лето

На „Подиумот за млади“ како предвесник на Фестивалот вечерва ќе одржат концерти флејтистката Јана Каевска во пијано соработка со Ивана Јанаќиева и младиот пијанист Арда Мустафаоглу, а утревечер ќе настапат виолинитската Наоми Георгиевска во пијано соработка со Доминика Робе и сопранот Мила Јаневска во пијано соработка со Билјана Петровска

среда, 10 јули 2019

Младата и талентирана пијанистка Инес Неделковска, како и кларинетистот Рикардо Хуна кој беше во пијано-придружба на Билјана Петровска синоќа со настап на „Подиумот на млади“ во црквата „Света Софија“ го најавија фестивалот „Охридско лето“.

Младите музичари се заблагодарија на организаторот на „Подиум за млади“, Музичката младина Македонија на можноста да настапат и да бидат предвесници на фестивалот „Охридско лето“, што лично за нив претставува голема чест и привилегија.

Во рамките на „Подиумот на млади“, вечерва од 20 часот во црквата „Света Софија“ концерти ќе одржат флејтистката Јана Каевска во пијано соработка со Ивана Јанаќиева и младиот пијанист Арда Мустафаоглу. Проектот ќе биде заокружен утревечер со настап на виолинитската Наоми Георгиевска во пијано соработка со Доминика Робе и сопранот Мила Јаневска во пијано соработка со Билјана Петровска.

„Подиумот на млади“ во организација на Музичката младина на Македонија е проект којшто се враќа на фестивалската сцена по подолга пауза, со концерти на млади домашни музичари.

„Проектот траеше 22 години, а потоа од некои причини беше прекинат. Годинава, а се надевам и во текот на следните години, ’Подиумот на млади’ ќе биде заедничко чедо на Музичката младина на Македонија и на фестивалот ’Охридско лето’ како што беше и претходно. Производ на таа љубов се фантастични концерти на млади музичари . Годинава сите се од нашата земја. Имаме пресек на актуелниот момент на македонското младинско музичко творештво“, рече претседателот на Музичката млдина на Македонија, Александар Герасимовски.

 

 

Содржината е прочитана 111 пати.