Бизнис вести

„Лукоил“ ја отвори својата 31. бензинска станица во земјава

Комплексот во кој има и маркет и паркинг за лесни и тешки товарни возила е на површина од 2.000 квадратни метри и е лоциран на улица „Методија Андонов Ченто“, населба Ченто, на излезот од Скопје на патот кон Арачиново

четврток, 11 јули 2019

Денеска официјално беше отворена 31. бензинска станица на „Лукоил“ во земјава. Објектот е лоциран на улица „Методија Андонов Ченто“, населба Ченто, на излезот од Скопје на патот кон Арачиново.

Новата бензинска станица во која има 12 вработени, е изградена на површина од 2.000 квадратни метри и претставува повеќенаменски комплекс во кој покрај бензинските пумпи има и маркет и паркинг за лесни и тешки товарни возила.

„Новата бензинска станица е дел од стратегијата на нашата компанија за проширување на македонскиот пазар. Нашата цел е секојдневно да го подобруваме квалитетот на животот на нашите потрошувачи, снабдувајќи ги со висококвалитетни горива и најефикасна услуга“, изјави Андреј М.Куку, регионален управител на „Лукоил Македонија“.

На свеченото отворање присуствуваа и премиерот Зоран Заев и рускиот амбасадор во нашата земја, Сергеј Безднекин кои истакнаа дека инвестиите на „Лукоил“ придонесуваат за развој на економијата во земјава.

„Новата бензинска станица на ’Лукоил’ е од извонредно значење за овој регион и ќе ги задоволи потребите на жителите на општините Гази Баба и Арачиново, како и на сите патници и деловни луѓе кои фреквентно го користат регионалниот пат Скопје-Куманово. Секако, од значење е и отворањето на новите работни места, како и придобивка за жителите во двете општини. Ова е убава прилика со неколку зборови да потсетиме на нашата одлична соработка со компаниите кои доаѓаат од Руската федерација, како и нашата принципиелна соработка со Руската федерација, како значаен трговски партнер на РСМ со кој остваруваме интензивна трговска соработка која постојано бележи константна вредност“, изјави премиерот Заев.

Амбасадорот Бездникин рече дека дејноста на „Лукоил“ е видлив пример за успешна реализација на инвестициски проект, што позитивно влијае врз формирањето на објективниот образ на Русија во Северна Македонија, која, како што наведе, е заинтересирана за унапредување на заемно полезна соработка меѓу двете земји и нивните братски народи.

„Отворени сме за продлабочување на нашата соработка, за проширување на истата врз нови сфери во тој степен, во кој тоа им одговара на нашите заеднички интереси“, рече амбасадорот Баздникин.

„Лукоил“ во земјава има веќе 31 бензинска станица, од кои 10 во Скопје и околината, по три во Тетово и во Битола, по две во Куманово, Охрид, Струмица и Гевгелија, и по една во Кичево, Прилеп, Велес, ,Штип, Кочани, Радовиш и на Стража.
 

Содржината е прочитана 31 пати.