Интервјуа

Очекуваме нови рекорди на аеродромите во Скопје и Охрид

Интервју со Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија во кое говори за новите рекорди што се очекува да бидат постигнати на двата аеродрома летово, како и за целта на менаџментот на ТАВ да се зајакне позицијата на охридскиот аеродром, а во исто време Меѓународниот Аеродром Скопје да стане главен воздухопловен центар во регионот

вторник, 16 јули 2019

МАРИЛИ: Во првиот квартал годинава и двата аеродрома на ТАВ Македонија имаат пораст на бројот на патници. Со новите дестинации летово се очекува порастот да продолжи. Летната е особено “плодна“ сезона за Охрид. Ќе има ли нови рекорди?
ЕРСОЈ:
ТАВ Македонија бележи пораст во бројот на патници на двата аеродрома од почетокот на 2019 година.Во првите 5 месеци од 2019 година имаме преку 900 илјади патници (914.759) на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, што е 11% пораст на годишно ниво.Очекуваме растот во бројот на патници да е повисок во вториот и третиот квартал од годината, поради отворањето на 4 нови дестинации на Wizz Air (Баден-Баден и Бремен од март 2019), Ларнака и Турку (јули 2019 година).
Минатата година постигнавме нов историски успех, на скопскиот аеродром го пречекавме 2-милионитиот патник во почетокот на декември, додека 2018 година ја завршивме со речиси 2,2 милиона патници, а нашата успешна година беше препознаена и од ACI (Airports Council International – Меѓународен Совет на Аеродроми), кога по 4-ти пат го награди Меѓународниот Аеродром Скопје со престижната Награда за квалитет на аеродромските услуги за 2018 година.Сето ова нè придвижува и нè охрабруваи натаму да ги надополнуваме и усовршуваме услугите како и нивниот квалитет. Нашите напори повторно беа потврдени и оваа година, кога аеродромот во Охрид беше рангиран од ACI меѓу првите три аеродроми во Европа со највисок раст во првиот квартал од 2019 година (63,9%), во групата на аеродроми со помалку од 5 милиони патници годишно.
Ова е резултат на трите нови авиолинии отворени до крајот на првиот квартал оваа година – Виена во ноември 2018 година, Малме и Милано – март 2019 година. Во април Edelweiss почна да лета од Охрид до Цирих.Како подружница на Swiss International Airlines има договор за делење код со нив, што значи дека се можни и нови конекции во рамки на нивната мрежа преку центарот во Загреб.
Четири нови авиолинии се воведуваат летово од Аеродромот во Охрид, Меминген и Дортмунд на Wizz Air (редовни), и Штутгарт и Дизелдорф (сезонски) на Eurowings.Иако нискобуџетен авиопревозник, Eurowings нуди некои од нивните услуги на ниво на традиционален превозник, т.е. можности за конекции.Има широка мрежа од нивните центри во Диселдорф и Штутгарт, што е одлична можност за нашите патници да можат да патуваат до нови дестинации.
Бидејќи летната сезона е најфреквентната сезона на двата аеродрома, дефинитивно очекуваме да постигнеме нови рекорди, да го задржиме двоцифрениот пораст во бројот на патници, како и да ја зајакнеме позицијата на охридскиот аеродром во регионот, а во исто време Меѓународниот Аеродром Скопје да стане главен аеродромски центар во регионот.

МАРИЛИ: Што планирате да се направи за аеродромот во Охрид да биде пофреквентен и надвор од летната сезона и како може да се носи со конкуренцијата со останатите аеродроми од иста категорија?
ЕРСОЈ: ТАВ Македонија како аеродромски оператор на двата македонски аеродрома, со поддршка од Маркетинг тимот на холдингот ТАВ Аеродроми, како светски позната компанија што е во воздухопловната дејност уште од 1997 година, секогаш бара и се стреми да привлече се повеќе авиокомпании и тур-оператори да почнат да летаат од аеродромите управувани од ТАВ. Градот Охрид, охридскиот регион и Бисерот на Балканот - Охридското Езеро, се промовираат од маркетинг тимот на ТАВ на сите глобални саеми за воздухопловство и туризам. За време на бројните средби, разговори и преговори, како и со нашата вкрстена маркетинг стратегија, не само што ја развиваме мрежата на авиолинии на нашите аеродроми, туку истовремено се трудиме да ги привлечеме и да ги убедиме авиокомпаниите и тур-операторите да ја донесат нивната конечна одлука за летање од скопскиот или од охридскиот аеродром, или пак можеби да ги зголемат фреквенциите на воспоставените авиолинии, преку промоција и презентирање на можностите и потенцијалот на македонскиот воздухопловен пазар за нови дојдовни туристички пазари. Кога станува збор за охридскиот аеродром, некако доаѓа природно што летната сезона е секогаш пофреквентна од зимската сезона. Со своите природни убавини, многуте атракции, локалитети, историја, шарм, и секако, прекрасното Охридско Езеро, Охрид привлекува повеќе туристи во текот на летниот период, но со нашата стратегија и напори за зголемување на бројот на директни дестинации од охридскиот аеродром, веруваме дека може да стане конкурентен на воздухопловниот пазар во регионот, со проширување на гравитациската зона.Од неодамна, ги промовираме аеродромите во Скопје и Охрид во нашите соседни земји, како на пример во Елбасан, Албанија, каде ги претставивме можностите за евтини патувања од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид и Меѓународниот Аеродром Скопје, на средба со локалните туристички агенции. На промоцијата во Албанија, ТАВ Македонија ја нагласи важноста на воспоставувањето на редовна автобуска линија од Елбасан до аеродромот во Охрид, со цел да се искористи близината меѓу двата града, оддалечени само 86km, или еден и пол час возење.
Со зголемениот број на летови и патници, планираме да ја реконструираме терминалната зграда на охридскиот аеродром, за да го направиме патничкото искуство уште покомфорно и попријатно. Со тоа, квалитетот на услугите ќе се подобри, па оттука, ќе имаме задоволни клиенти кои ќе раскажуваат на други потенцијални туристи и клиенти, со оглед на тоа дека аеродромот е првиот и последниот впечаток на земјата која ја посетувате.
На охридскиот аеродром има 11 авиокомпании, кои сообраќаат на 10 сезонски, чартер - летови во текот на летната сезона, и 8 редовни авиолинииво текот на целата година.
Ако ги разгледаме бројките од 2009 година, пред влезот на ТАВ Македонија на македонскиот пазар, до денес, можеме да забележиме дека бројот на патници на охридскиот аеродром е зголемен за 5 пати. Во 2009 година имало вкупно 36.652, додека 2018 ја завршивме со повеќе од 180 илјади патници (184.283).
Се разбира, за ова да се оствари, имаме постојана поддршка од Министерството за транспорт и врски, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Општина Охрид, и другите релевантни органи во воздухопловната индустрија.

МАРИЛИ: Колку дестинации има во моментов од Меѓународниот Аеродром Скопје и што може да се очекува во наредниот период?
ЕРСОЈ:
Меѓународниот Аеродром Скопје моментално ги поврзува нашите патници со вкупно 42 редовни дестинации, на кои сообраќаат 13 авиокомпании.Од јули 2019, скопскиот аеродром е побогат за два нови директни лета на својата мапа со авиолинии. Ги воведува Wizz Air, а тоа се - Ларнака и Турку, што значи комплетно нови дојдовни пазари, односно, Кипар и Финска, соодветно.
Со новините што ги воведовме во текот на 2018 година на Меѓународниот Аеродром Скопје, како и со проектите за 2019 година, веруваме дека многу од барањата и сугестиите на нашите клиенти се исполнети, и ќе резултираат со висококвалитетно патничко искуство, и со натамошен раст на бројот на патници.

МАРИЛИ: Со интеграцијата на Северна Македонија во НАТО, веројатно ќе се зголеми и бројот на патници.Оттаму, какви се Вашите очекувања и проекции за 2019 година?
ЕРСОЈ:
Македонскиот воздухопловен пазар во развој има огромен потенцијал за натамошен пораст и е многу интересен за авиокомпании и тур-оператори, кои имаат постојана комуникација со нашите професионални тимови.Кога ја разгледувавме идејата за почнување на бизнис тука, бевме свесни дека оваа земја со својата местоположба и идните аспирации за напредок има потенцијал за натамошен развој заедно со европските земји. Ова беше главната причина поради која одлучивме да инвестираме и да ги споделиме нашите знаења,вештини и искуство со цел да го развиеме воздухопловниот пазар. Оттука, интеграцијата на Република Северна Македонија во НАТО Алијансата ќе ја зајакне нејзината позиција и сигурно ќе ја направи уште поатрактивна за авиокомпаниите и тур-операторите.Прогресот на земјата би резултирал со уште повисок раст на протокот на патници на двата аеродрома и би ги направил скопскиот и охридскиот аеродром најбрзорастечки во регионот.

МАРИЛИ: Ќе има ли конечно прекуокеански летови од Скопје до САД и Канада, нешто што се очекува веќе подолго време?Дали скопскиот аеродром е подготвен за такво нешто?
ЕРСОЈ:
Меѓународниот Аеродром Скопје е оперативно подготвен да обезбеди услуги на која било авиокомпанија што сака да почне со прекуокеански летови.
Бидејќи ТАВ Македонија ги обезбедува сите потребни услуги, во однос на прифат и отпрема на воздухоплови, патници, багаж, карго, стока и пошта, единствено зависи од авиокомпаниите да одлучат за прекуокеански летови од нашата земја.
Порастот, развојот, признанијата за квалитет на услугите и местоположбата на скопскиот аеродром совршено се вклопуваат за да стане регионален аеродромски центар.Со влезот на новите авиокомпании како Qatar Airways (2017), LOT Polish Airlines (2018) и Aegean Airlines (2018), Аеродромот во Скопје нуди повеќе и подобрени конекции за трансфер, бидејќи овие авиокомпании нудат многу дестинации од нивните аеродромски центри, LOT преку Варшава (САД),Аegean Airlines преку Атина (Европа,САД, грчките острови).
Веруваме дека, со зголемениот број на патници и операции, ќе биде полесно за одредени авиокомпании да донесат одлука да почнат прекуокеански летови. Сепак, авиокомпаниите се потешки за одлуки во однос на прекуокеанските летови поради приносот, факторот на оптоварување и профитабилноста. 

МАРИЛИ: Минатата година имаше промени во терминалната зграда на Меѓународниот Аеродром Скопје.Какви ефекти донесоа и дали се планирани и други зафати во иднина, и дали е предвидено да се прави нешто и на охридскиот аеродром?
ЕРСОЈ:
Во 2018 година најзабележително беше редизајнирањето на зоната за регистрација на патници во заминувањеи отворањето на NeedStop, новиот концепт за храна и пијалаци од нашата сестринска компанија БТА, локалот за кратка пауза во комфорната и релаксирана атмосфера, каде може да се најдат сендвичи, ужини и пијалаци. Со редизајнирањето на овој дел од терминалната зграда и продавниците за малопродажба беа преместени и сега просторот за патниците во заминување е поудобен. Меѓу шалтерите за регистрација и продавниците воведовме и нова услуга- пакување багаж, со цел заштита на надворешноста на багажот за време на превозот од гребење, кинење и оштетување од временските прилики.
Друга новина е инсталацијата на киоск за само-регистрација, со цел патниците самите да се регистрираат и да ги избегнат долгите редици на шалтерите за чекирање.По пасошката контрола и безбедносната проверка, патниците кои патуваат со деца, сега можат да се релаксираат додека чекаат да влезат во авионот бидејќи има ново катче за забава, Kids’ Corner. Машините за наплата на паркинг услугата при влез и излез од терминалот се заменети со нови. Сите овие измени воведени во текот на 2018 година имаа добар ефект и го зголемија задоволството на патниците.
Следно планираме да поставиме e-gates во делот за пред-бординг, а набавивме и станици за полнење на батерии на мобилни телефони, кои ќе бидат поставени на клучни позиции. Ова, надополнето со бесплатниот Wi-Fi интернет на аеродромите, веруваме дека ќе ги направи посреќни патниците, затоа што ќе можат да бидат во непрекинат контакт со семејствата и пријателите.
Едно од најчестите барања е отворање просторија за пушење во зоната по пасошка контрола, пред качување во авион.Бидејќи законски сме ограничени во однос на ова прашање, ги разгледуваме можностите како да ја исполниме оваа желба, со моменталното архитектонско решение на терминалот, но придржувајќи се кон законските одредби и строгите воздухопловни регулативи.
Една од нашите главни цели е да ги исполниме очекувањата на патниците, а за да го постигнеме тоа ги мериме нивните потреби, сугестии и жалби. Покрај ASQ-програмата за квалитет на аеродромските услуги, како стандардизиран тип на анкети на Меѓународниот Совет на аеродроми (ACI), ТАВ Македонија има воспоставено свој систем на анализа на податоци, собирање релевантни информации од интеракцијата на патниците соодделите, одделението за односи со клиенти и социјалните мрежи. Крајниот производ е сеопфатна анализа која ни помага да го подобриме квалитетот на услугите и да понудиме нови услуги како одговор на потребите на патниците.
Како дел од Групацијата ТАВ, имаме преглед на глобалниот пазар за аеродромски операции, и на трендовите во регионот, каде повеќето од главните аеродроми допрва ќе се бидат дадени под концесија од локалните власти.Аеродромите во Скопје и Охрид се чекор понапред и веќе ги практикуваат услугите воспоставени насекаде низ светот. 

МАРИЛИ: Како дел од топ-менаџментот на ТАВ Македонија, во земјава сте од почетокот на проектот.Веруваме дека сте целосно интегриран во општеството.Каков е вашиот живот како странец, колку е различен од оној во вашиот роден град. Кои се главните неисполнети потенцијали во економскиот и туристичкиот сектор во земјава?
ЕРСОЈ
: Во Скопје живеам од 2008 година, откога ТАВ го склучи договорот за концесија со Владата. Практично, граѓанин сум на оваа држава повеќе од 10 години и секако дека се интегрирав во средината, преку учење на културата, навиките и преку приспособување на локалниот менталитет.Моето семејство е исто така тука, а моето второ дете е родено во Скопје.Со оглед на тоа што го поминав овој период од мојот живот овде, јас го чувствувам како мојот втор дом. Како странец не беше тешко да се адаптирам.Скопје за мене е лежерен град, по Истанбул каде што сум израснат, како една од најголемите метрополи во светот со огромна популација и многу хаотичен сообраќај, каде треба постојано да брзате за да ја постигнете агендата.
Скопје и Македонија воопшто, е убаво место за живеење, бидејќи луѓето се пријателски расположени. Тоа беше мојот прв впечаток кога дојдов тука и сè уште мислам така.Скопје е зелен град и сите места за различни активности, без разлика дали станува збор за активности во затворен простор или во природа, се близу. На пример, можам да закажам два до три состаноци во еден ден, што е речиси невозможно во Истанбул освен ако состаноците не се во иста зграда.
Охрид, од друга страна, е еден од најубавите и најопуштените места, богато со природни убавини и културно-историско наследство.Секогаш го препорачувам, како место што мора да се види, на моите пријатели кои доаѓаат во посета како туристи, а често и лично ги носам на разгледување на Охридското Езеро.Има многу нешта што може да се подобрат во однос на економијата и туризмот, но подобрувањето на стабилноста на државата, со влезот во НАТО, е еден од основните фактори за бизнис, за нас, како претставници на заедницата на странски инвеститори.Вкрстениот маркетинг на ТАВ холдингот за отворање нови летови од аеродромите во рамки на групацијата, го зголемува бројот на патници, но и го подобрува туризмот на турското приморје. Истото го правиме и за аеродромите во Скопје и Охрид, а со тоа го поддржувамеи локалниот туризам.И искуствата на Турција за развој на туризмот, се добар пример кој треба да се следи, штом бизнис-климата е стабилна и штом почнат големи инвестиции.

 

 

Лесно се адаптирав на животот во Скопје
„Во Скопје живеам од 2008 година. Не беше тешко да се адаптирам, бидејќи луѓето се пријателски расположени. И моето семејство е тука, а моето второ дете е родено во Скопје.Со оглед на тоа што го поминав овој период од животот овде, го чувствувам како мој втор дом“.

 

 

 

 

Факти и бројки

• 914.759 патницина аеродромите во Скопје и Охридво првите 5 месеци од 2019 година.
• На Аеродромот во Скопје отворени 4 нови дестинации: Баден-Баден, Бремен, Ларнака, Турку.
• На Аеродромот во Охрид отворени 6 нови дестинации: Малме, Милано, Меминген, Дортмунд, Штутгард и Дизелдорф.
• Меѓународниот Аеродром Скопје има 42 дестинации, со 13 авиокомпании.
• Охридскиот Аеродром Свети Апостол Павле има 18 дестинации (8 редовни и 10 сезонски), со 11 авиокомпании.
 

Содржината е прочитана 255 пати.