Интервјуа

„Изида Спа“ - Охрид – 25 години успешна приказна

Интервју со Сузана Наумовска, сопственичка на козметичко студио и салон за убавина „Изида Спа“ – Охрид во кое говори како првичниот мал козметички салон прераснал во СПА центар со најсовремена технологија, за авангардната козметологија што го направи центарот бренд, за задоволувањето на барањата на се поголемиот број странски клиенти, но и за плановите Охридската ривиера да прерасне во wellness и spa на отворено, со цел да се мотивираат младите да останат тука

четврток, 08 август 2019

МАРИЛИ: Ова е јубилејна година за Вас, славите 25 години успешна работа. Од фирма која стартуваше со еден вработен и во изнајмен простор, прераснавте во препознатлива компанија со голем број вработени и клиенти. Раскажете ни ја накусо историјата на Изида Спа центарот!
НАУМОВСКА:
Трговско друштво за производство, трговија и услуги ДООЕЛ Изида Спа е основано 1994 година со седиште на бул. „Туристичка“ бр. 44 Охрид. Компанијата започнува да работи со еден вработен и на изнајмен простор од 20 квадратни метри, со капацитет на работење од еден клиент на час и 10 козметички услуги. Првичниот мал козметички салон, прераснува во СПА центар со најсовремена IPL I IRF (ласерска и радиофрекфентна технологија) и стручен тим на вработени - физиотерапевти, козметолози и естетичари, со палета од над 100 понудени услуги и капацитет од 10-15 клиенти на час.

МАРИЛИ: Да се опстои четврт век на пазарот и притоа постојано да се напредува, е многу тешко. На што се должи успехот на „Изида Спа“ и што е тоа што Ве прави поразлични од другите? Какви се услуги нудите во Вашиот центар?
НАУМОВСКА:
„Изида Спа“ е козметичко студио кое нуди повеќе од 100 услуги како третмани за нега на лице и тело, бројна апаратура за рехабилитација, педикири, маникири, голем избор на масажи, топли и ладни депилации и ласерско отстранување на влакна, wellness и spa ритуали во студио, на отворено и со бројни хотели на Охриската ривиера. Долгогодишниот квалитет, тимот за работа, авангардноста во козметологијата не направи различни и бренд.

МАРИЛИ: Охрид живее од и за туристите, а со оглед на реномето што го има „Изида Спа центарот“ логично е Вашите услуги да ги бараат и странски туристи. Какви клиенти се странците, имаат ли некои посебни барања и очекувања, какви третмани најчесто бараат?
НАУМОВСКА:
Странците се клиенти кои бараат доживувања, за таа цел „Изида“ направи wellness и spa на отворено за да ги задоволи нивните желби, а со себе да понесат дел од традицијата и историското минато. Етно-масажа ( терапии со сено), вино-терапии со познатите македонски вина во винариите, масажа со охридска трска и бисери, масажа со охридска цреша и јагода на крајбрежјето.

МАРИЛИ: Во последниве години козметологијата стана многу популарна професија, па постојано никнуваат козметички салони кои нудат различни услуги од козметички третмани, терапии, масажи од секаков вид притоа нагласувајќи ја примената на разни странски препарати. Според Вашето искуство, дали квалитетот на услугите што ги нудат бројните козметички студија е на задоволително ниво и како Вие се справувате со конкуренцијата?
НАУМОВСКА:
„Изида“ има соработка со својата конкуренција. Секој салон си има свои приоритети во услугата, па се надополнуваме. Имаме долгогодишна традиција во санирање на потешки естетски проблеми ( акни, хирзутизам, гливици и др.), висок квалитет, дисциплина и навремено одговарање на услугите. Едукацијата на млади кадри во СОУ „Св. Наум Охридски“ и граѓанскиот универзитет „Кузман Шапкарев“ не прави различни од другите.

МАРИЛИ: Одржувањето на убавината и негата денеска се составен дел од современиот животен стил на секоја модерна жена. Колку македонските жени внимаваат на сопствениот изглед, во смисла на одржување на природната убавина?
НАУМОВСКА
: Македонската жена во последно време ги прати светските трендови и сака да ја истакне својата природна убавина . Во почетоците тренд беше нагласена шминка, долги нокти, големи трансформации, но сега и Македонката сака да изгледа природно и убаво. Затоа повеќе акцент става на негата на лицето и на телото, отколку на декоративата.

МАРИЛИ: Позната сте по Вашиот претприемачки дух, за што се потврда бројните награди. Наведете ги кои се и што би им порачале на младите кои сакаат да влезат во претприемништвото?
НАУМОСКА:
Покрај многуте признанија, ќе издвојам неколку: „Улогата на жената во процесот на правна и економска реформа во Македонија 2009“ избрана од GTZ, една од 10-те добитнички во различни сфери на претприемништвото, Меѓународно признание „ Жена на 21. век“ - Белрад 2017 и др.

МАРИЛИ: Кое е мотото што Ве води во работата и какви се Вашите планови за иднината?
НАУМОВСКА
: Мотото во работата е „Допирот на телото прераснува во допир на душата“ , со кое допревме многу култури, традиции, нации, од кои научивме разлики во начинот на живот. Додека моето лично мото е „Човек постигнува онолку успех колку што очекува од самиот себе“. Моите планови за иднината се Охридската ривиера да прерасне во wellness и spa на отворено, со што би ги задржала и мотивирала младите да останат тука, на сопствен имот во рурална средина со поглед на езеро да изградам спа фарма за нови доживувања и едукациски пограничен центар.

 

Содржината е прочитана 1001 пати.