Интервјуа

Во Битола ќе се гради градинка за 300 деца со финансиска поддршка од КРОМБЕРГ & ШУБЕРТ

Една од најголемите и најуспешни компании во државата, КРОМБЕРГ и ШУБЕРТ уште еднаш ја потврдува сопствената јасна определба да работи во согласност со принципите на социјална и општествена одговорност. Со цел да придонесе за решавање на веројатно најгорливиот проблем со кој во моментов се соочува Општина Битола – недоволен капацитет на градинките, го најавува проектот за изградба на нова градинка

понеделник, 19 август 2019

Културата на претпријатието, постојаното вложување во мотивациски активности, развојот на интердисциплинарни тимови, стандардите за работа, обуките, донациите, грижата за околината е тоа што ја прави КРОМБЕРГ и ШУБЕРТ една од најуспешните компании во Р. Северна Македонија. Нејзина јасна определба е работа во согласност со принципите на социјална и општествена одговорност, со нивно постојано вклучување во решавање на проблемите на заедницата, со цел да придонесе за подобрување на квалитетот на здравството, образованието и директно во решавањето на конкретни проблеми.

Еден од проблемите со кои се соочува Општина Битола е недоволниот капацитет на градинките. Токму поради тоа во ова интервју разговараме со претставници од Кромберг & Шуберт за неодамна најавениот проект - изградба на нова градинка со капацитет да се згрижат околу 300 дечиња.

 

МАРИЛИ: Од каде потекна идејата да се инвестира во изградба на детска градинка?
КШМК:
Ова, генерално, е проблем на сите вработени што се родители. Имаме голем број колеги, пријатели и роднини што постојано се трудат да најдат најразлични алтернативи за да ги згрижат своите деца бидејќи не им ги примаат во државните градинки. Дополнително направивме и истражување, интерно во фирмата и надвор во градот, со цел да добиеме реална слика за колкав број деца станува збор што се на листите на чекање. Според анализите од 2018 година, во нашата држава приближно 8.000 деца чекаат на ред за прием во градинките, со тоа што Битола е на прво место со фрапантна бројка од 800 деца. Тргнувајќи од фактот дека со овој проблем се соочуваат и голем број наши вработени, веќе подолго време размислувавме како да придонесеме и директно да им олесниме, не само на нашите вработени, туку и на голем број од граѓаните на Општина Битола. Секако, мора да напоменеме дека проблемот го разгледувавме и од друг аспект. Имено, сметаме дека клучен фактор за правилен раст и развој на децата, нивната социјализација, градењето на здрава и силна идна млада генерација, како и целокупниот општествен развој на државата почнува токму од најмали нозе и врз тоа големо влијание имаат градинките. Сигурно повеќето ќе се согласат со нас дека детето што е згрижено во градинка многу брзо се осамостојува, учи да се бори за своето место во групата, побрзо созрева и, секако, им го олеснува животот на родителите да не се товарат со организација на „баба-дедо сервис“, дадијарки, игротеки и други слични алтернативи. Оттука, земајќи ги предвид сите горенаведени факти, јасно ни беше дека изградбата на една ваква градинка е од клучно значење и дека е неопходна за Битола.

МАРИЛИ: Во која фаза е проектот, дали се знае каде ќе се гради објектот и со колкав капацитет ќе биде градинката?
КШМК:
Моментно во процедура се сите административни работи, како подготовка и потпишување на договорите, средување на документацијата и сл. Во однос на капацитетот, планирано е детската градинка да биде со површина од 3.200 квадратни метри (два ката од по 1.600 квадрати), а локација ќе биде во поранешната касарна во Општина Битола. Градинката треба да има капацитет за згрижување на околу 150 деца во смена, односно 300 деца во две смени.

МАРИЛИ: Дали новата градинка ќе биде целосно инвестиција на КШМК или, пак, ќе се гради во соинвеститорство?
КШМК
: Мора да напоменеме дека КШМК беше иницијатор за овој проект и мило ни е што властите не останаа „глуви“ на нашето барање и позитивно одговорија на поканата заеднички да решиме еден клучен проблем за овој град. Овој проект ќе биде реализиран во соработка со Министерството за труд и социјална политика и Општина Битола. Имено, КШМК целосно ќе биде одговорна за изградба на градинката (карабината), а МТСП и Општината ќе бидат должни да ја завршат градбата и подоцна да ги опремат игралните и другите простории за да може градинката да биде целосно функционална.

МАРИЛИ: Освен што градинката примарно ќе го реши проблемот што го имаат родителите што се вработени во компанијата, во колкав дел се решава и проблемот на самата Општина Битола?
КШМК
: Секако дека со оваа градинка ќе им олесниме на голем дел од граѓаните во Битола затоа што градинката нема да биде наменета исклучително за вработените во нашата компанија, туку за сите граѓани на Општина Битола. Ние претставуваме нераскинлив дел од оваа Општина и проблемите на нашите граѓани и вработени целосно ги доживуваме како наши. Можеби дел од граѓаните на Битола немаат директна врска со нашата компанија, но, сепак, индиректно се наши блиски роднини, пријатели, соработници и тоа е она што го прави мозаикот целосен, ако недостига една плочка - изгледот на мозаикот не е ист, нели?


МАРИЛИ: Недостигот на предучилишни установи, генерално, е проблем во цела држава. Дали со Вашиот пример доволно се стимулира општествената заедница или сметате дека е потребно уште многу да се работи и да се говори на оваа тема?
КШМК:
Како што веќе напоменавме, генерално ова е проблем на целата држава, 8.000 деца е навистина многу голема бројка и секако дека треба да се преземат конкретни акции за проширување на капацитетите на предучилишните установи. Исто така, голем дел од нив со години не се реновирани и условите не се на соодветно ниво, како што е тоа во другите европски држави. Факт е дека ако наша цел е да бидеме дел од европската заедница, тогаш проблемите мора да започнат да се решаваат од корен.
Со сите активности што досега ги презедовме, јасна е нашата определба да даваме позитивен пример и да отвориме теми за кои сметаме дека се од суштинско значење за општествената заедница. Покрај транспарентното и етичко управување, постојаното вложување во нашите вработени, задоволните клиенти, градењето стабилни односи со партнерите на пазарот, соработката со домашните компании итн., наша најголема заложба претставува токму вложувањето во подобрувањето на квалитетот на животот и грижата за околината. Како компанија со повеќе од 6.500 вработени свесни сме за нашето влијание што го имаме врз општеството, па и државните институции и се обидуваме во најпозитивна смисла да го искористиме тоа за да локализираме и успешно да решиме колку што е можно повеќе проблеми.
 

Содржината е прочитана 5026 пати.