Култура

Струга ја празнува поезијата, отворени 58-те Вечери на поезијата

„Поетите се чувствителната совест на човештвото, тие се луѓето кои ја носат задачата на првиот збор. Тој збор станува вистински комплетен само за поетот и неговиот свет. Бидејќи, навистина, на почетокот беше зборот, но и тој на некој начин беше поезија“, рече министерот за култура Хусни Исмаил

четврток, 22 август 2019

Со традиционалното читање на песната „Т`га за југ“ и моќната порака што во име на поетите од целиот свет ја испрати македонскиот поет и прозаист Влада Урошевиќ, синоќа беа отворени 58-те Струшки вечери на поезијата.

„Кога пред многу години, летото 1961 година 12-те македонски поети, меѓу кои и јас, се собраа во Струга да ја прослават 100-годишнината од објавувањето на ’Зборникот на народни песни’ на браќата Миладиновци, никој освен нив не се осмелуваше ниту да замисли дека тогаш мошне скромен собир ќе прерасне во голем меѓународен поетски фестивал чие име ќе ужива углед и во најоддалечените земји ширум светот. И поетите успеаја да се изборат за својата визија. Фестивалот се разви и се одржа наспроти не секогаш лесните услови и претставува денес можеби најстар поетски фестивал кој се уште живее. Во еден свет во кој поезијата е поттурната настрана, каде пишувањето песни станува дејност на која јавноста не и подарува речиси никакво внимание, славењето на поезијата преку еден ваков фестивал како што е струшкиот претставува благороден и високо морален чин“, истакна Урошевиќ.

Додаде дека она што го одржува денешниот поет се уште да дејствува низ една форма која за многумина е старомодна и изживеана, е отпорот.

„Секој чин на пишување песни денес низ светот е еден вид отпор. До вчера во овие краишта тоа беше отпор обидите поезијата да се претвори во орудије на претераната идеологизација во служба на политичката елита. Денес песната станува еден вид отпор против се пожестоката и понемилосрдната материјализација на се што постои“, рече Урошевиќ, нагласувајќи дека поетскиот израз претставува верба во повисоки вредности, стремеж кон духовност, облагодорување на човекот како суштество, идеал, сон…

Директорот на СВП, Тодорче Тасевски во своето кусо обраќање им порача на љубителите на поезијата да бидат отоврени кон благотворното и благородно влијание на поетскиот збор.

„Поетите делуваат преку нивните зборови, затоа што нивните зборови се веќе дела, поетски чинови преку кои што вистината и смислата се отелотворуваат во убавина пред која се восхитуваме. Ние останатите да бидеме куси во зборувањето и да зборуваме преку нашите дела, а вечерва сцената да им ја отстапиме на поетите“, рече Тасевски.

Добредојде на поетите во Струга им посака и министерот за култура Хусни Исмаил.

„Поетите се присутни тука, но иако живеат меѓу нас, не се како нас. Поетите се чувствителната совест на човештвото, тие се луѓето кои ја носат задачата на првиот збор. Тој збор станува вистински комплетен само за поетот и неговиот свет. Бидејќи, навистина, на почетокот беше зборот, но и тој на некој начин беше поезија“, рече министерот Исмаил.

По свеченото отворање манифестацијата продолжи со поетското читање „Поетски меридијани“. Богатата програма на Струшките вечери на поезијата предвидува бројни содржини за денеска, како презентација на портретот на Зоран Анчевски, добитник на наградата „Браќа Миладиновци” за 2018 година, потоа поетско читање на поетите од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци” за 2019 година, доделување на наградата „Стојан Христов” за најдобра поетска книга од поет од дијаспората за 2019 година. Ќе се одржи и симпозиум на тема „Исток/Запад: Балкан/Европа“, разговор на тема „Пирот, поет, скитник“ со Емануел Рембер, директор на Францускиот институт во Скопје. Вечерва, на истекот на реката Црн Дрим ќе се одржи настанот „Поетски портрет на Влада Урошевиќ“, по што ќе следува презентација на тематската антологија „Арката на Ное“, односно збирка песни од македонски поети за животните. Вечерната програма предвидува уште и поетско читање „Кругови“, презентација на книгата „Дедлајна љубов моја“ на Владимир Лукаш, за точно на полноќ во фоајето на Центарот за култура да почне поетското читање „Ноќ без интерпункција“.

Пренесено од МИА
 

Содржината е прочитана 48 пати.