Бизнис вести

Нина Ангеловска е предлогот на СДСМ за нов министер за финансии

Ангеловска е коосновач и директор на фирмата „Групер.мк“, која пред две години ја доби наградата на „Форбс“ за најдобар претприемач до 30 години на ниво на Европа

петок, 23 август 2019

Нина Ангеловска, коосновач и директор на „Групер“ е предложена за нов министер за финансии. Премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев по вчерашната седница на Централниот одбор на партијата најави дека денеска ќе достави предлог до Собранието за нов министер за финансии да биде назначена Нина Ангеловска.

„Нина Ангеловска, е еден од основачите на ’Групер.мк’, добитник на награда на ’Форбс’, која е на 30 години, млад човек кој е и доктор на науки од УКИМ. Верувам во нејзиното осумгодишно искуство да биде основач, да направи едена вакава преспективна компанија во модерните технологии којашто дефинитивно е препознаена не само дома, туку во целиот регион и пошироко. Со тоа ја испраќа пораката дека навистина вреди да се заземете дома, а не надвор од Македонија“, рече Заев.

Ангеловска ја прифатила понудата која, како што вели, претставува шанса за ги предводи промените во земјата во која ја планира и сопствената иднина. Таа на својот Фејсбук напиша:

„По речиси 10 години домашно и интернационално искуство и значителна меѓународна препознаеност на мојата напорна работа и придонес, чест ми е што моето знаење, потенцијал и ентузијазам за промени се препознаени да бидат ставени во функција на прогресот на нашата држава. А, честа е уште поголема затоа што основaта е целосно непартиска.

Понудата ја гледам како шанса да бидам предводник на промени во земјата во која ја планирам и својата иднина.

Со прифаќање на овој голем предизвик, подготвена сум целото свое стекнато знаење, менаџерски способности и бизнис искуство да ги вложам за најдобро вршење на оваа исклучително одговорна фукнција, носење на најдобрите информирани одлуки за нашата земја и граѓаните, брзо апсолвирање и одговорно делување.

Спремна сум да се вложам во прогресивни фискални политики со кои ќе креираме силна економија за граѓаните и ќе ги задржиме младите во државата. Ова е време на технологии, вештини, развој на модерното претприемништво и нови бизнис модели, дигитални комуникации и производство. Таму го гледам развојот на земјата. Конечно, ќе вложам максимум во унапредувањето на фискалната транспарентност и домаќинско раководење со парите на граѓаните“, напиша кандидатот за нов министер за финансии, Нина Ангеловска.
 

Содржината е прочитана 53 пати.