Култура

„Медена земја“ е македонски кандидат за Оскар

Македонскиот документарец може да биде номиниран во две категории за Оскар, за најдобар странски филм и за најдобар документарец, а се најде и меѓу 12 кандидати за Европските филмски награди

вторник, 27 август 2019

Документарнит филм „Медена земја“ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов е македонскиот кандидат за Оскар во категоријата најдобар странски филм за 2020 на Американската филмска академија, соопшти Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ).

Комисијата во состав Игор Иванов – режисер и претседател на ДФРМ, Ангела Несторовска – продуцент, Аксел Мехмед – актер, Сашко Потер Мицевски – филмски монтажер и дизајнер на звук, Игор Ангелов-актер, Дина Дума – режисер и Горан Игњатовски – мејкап дизајнер се одлучи за „Медена земја“ кој беше во силна конкуренција со филмовите: „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска, „Еј“ на Васил Христов, „Дедо и внук“ на Илија Пиперковски, „Боите на Преспа“ на Перо Попов и „Џезмен“ на Аљоша Симјановски.

„Медена земја“ може да биде номиниран во две категории за Оскар, за најдобар странски филм, како и за најдобар документарец, со оглед на тоа што се квалификува директно со победата на фестивалот „Докавив“ во Тел Авив.
„Медена земја“ влезе и меѓу 12 кандидати за најдобар документарец од 12 земји на годинашните Европски филмски награди, познати и како „европски Оскар“, што ги доделува Европската филмска академија.

Годинава Македонија прв пат има два кандидата за Европски оскар, бидејќи „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Митевска се најде меѓу 46 канидати за најдобар филм.

Победникот на Санденс „Медена земја“ утре ќе има македонска премиера на затварањето на МакеДокс, а од четврток ќе игра на редовниот репертоар на киното Синеплекс во Скопје.

 

Содржината е прочитана 49 пати.