Интервјуа

Интервју со Фанија Смичковска, директор на Центарот за странски јазици, по повод 65 години јубилеј

Одбележувањето на 65 години постоење на Центарот за странски јазици е доказ за едукативна традиција, квалитет и современа насоченост кон проекти со поголема општествена цел

петок, 06 септември 2019

 Марили: Центарот за странски јазици оваа година одбележува голем јубилеј - 65 години постоење. Што значи да се биде на чело на ваква институција и колкава е одговорноста да се управува со неа?
Смичковска: Одговорноста е огромна, чест е да се биде на чело на институција како што е Центарот за странски јазици, а за мене лично значи голема посветеност и долг работен ден кој не завршува со крајот на работното време.Низ нашата институција поминале многу генерации слушатели и многу вработени ја граделе успешната слика на Центарот за странски јазици, и затоа, обврска на сите што сме дел од сегашниот колектив е да се одржи тој висок стандард на работење. Директорот на Центарот ја води институцијата, но заслугата за успехот е на сите претходни и сегашни вработени, јас можам само да кажам дека внесувам голема љубов и ентузијазам во мојата работа и секогаш сум подготвена за нови предизвици.

Марили: Дали и денес го држите приматот за најквалитетна школа за изучување странски јазици, имајќи го во предвид напливот на бројни други школи и курсеви од ваков вид?
Смичковска: Немам сознанија дали сме најквалитетно училиште за изучување странски јазици, но задоволството на нашите слушатели ни покажува дека сме во самиот врв. 

Се трудиме не само да го одржиме квалитетот во работењето, туку и постојано да го унапредуваме преку усовршување на вработените, следење на новите трендови во наставата и грижа за секој наш слушател поединечно.

Марили: Што го разликува Центарот од останатите школи со идентична дејност?
Смичковска: Она што не прави различни и единствени првенствено е долгогодишното искуство, професионалниот пристап и квалитетот на наставата. Секако, и фактот што сме големо училиште нуди повеќе можности за нашите слушатели, избор и усогласување на термини за различни курсеви за повеќе членови од исто семејство.


Марили: Дали кај Вас се врши подготовка за полагање меѓународни испити?  
Смичковска: ЦСЈ е првото училиште кое почна да врши подготовка за полагање меѓународно признаени испити и е сè уште водечка институција во однос на бројот на кандидати кои се стекнуваат со меѓународен сертификат за познавање странски јазик на високо ниво. 
 

Марили: Какви се услуги нуди Центарот денеска и колкав капацитет има?
Смичковска: Нашиот Центар организира настава за изучување странски јазици и македонски за странци, како наша примарна дејност. Освен за јазиците кои во моментов се најпопуларни во регионот и пошироко, секогаш излегуваме во пресрет на различни специфични барања на слушателите за јазици чија обука поретко се нуди во другите училишта. Исто така, вршиме тестирања и издаваме уверенија за нивото на познавање на некој странски јазик според Заедничката европска јазична рамка за лични потреби или за потребите на некои компании и институции во рамките на нашата земја, а за одредени јазици и во странство.
Капацитетот со кој располагаме, во однос на простор, број на вработени и широка мрежа соработници кои ги имаме, нè прави компетентни за учество на проекти кои опфаќаат значителен број слушатели низ целата земја.
Често пати, на барање на нашите клиенти вршиме преведувачки и лекторски услуги. 
 

Марили: Новите технологии, интернетот и разните компјутерски алатки како предвреме да ги „описменуваат“ децата за англискиот јазик. Колку вака стекнатото предзнаење им помага за полесно да ги совладаат препреките во учењето на јазикот?
Смичковска: Изложеноста и влијанието на англискиот јазик секако придонесуваат децата од најрана возраст да ги усвојуваат основните изрази и слободно да ги прават првите чекори во комуникацијата на тој јазик. Но, како растат и созреваат, така се јавува и потреба од растење и созревање на нивните јазични вештини. Тука е важна нашата улога, со соодветни јазични алатки да ги научиме течно и точно да зборуваат, слушаат, читаат и пишуваат.
 

Марили: Колку години континуирана едукација во Вашиот центар е потребна за еден јазик да се познава одлично, да се зборува, пишува и да се чита?
Смичковска: Тоа е многу индивидуално, зависи од посветеноста на слушателите и нивото на познавање на странскиот јазик што им е потребно. Децата вообичаено изучуваат еден јазик најмалку 8 години за да постигнат солидно јазично ниво. Курсевите за возрасните слушатели се поинтензивни и времето потребно за постигнување на солидно ниво, е многу покусо.

Марили: Според Вас, колку е писмена нашата нација во однос на познавање на барем еден странски јазик? Каде сме во Европа?
Смичковска: Не располагам со точни податоци за тоа како стоиме во европски рамки, но неофицијално, сметам дека нашата нација е во групата држави со солиден број граѓани кои имаат познавање на најмалку еден странски јазик. Потврда за ова се бројните студентски размени, вработувања и професионални усовршувања надвор од земјата.

Марили: Вие сте филолог по професија. Но, што значи да се биде и успешен менаџер? Каков беше Вашиот пат до успехот?

Смичковска: Центарот вообичаено ги одбира раководните лица од редовите на своите професори затоа што тие најдобро ја познаваат природата на работата. Така и јас имам долгогодишно искуство како професор во ЦСЈ и се почувствував подготвена за еден нов предизвик. Ми претставува чест, но и голема одговорност да ја вршам оваа функција. Не можам а да не споменам дека притоа имам безрезервна поддршка и помош од колективот.

 

Марили: Кои се Вашите визии за иден развој на Центарот за странски јазици?
Смичковска: За институција каква што е Центарот со долгогодишна традиција неминовно е да се очекува дека треба да расте и да се развива како што се менуваат и условите во општеството. Центарот секогаш ги следел трендовите во поглед на методологијата во наставата на странски јазици и ќе продолжи да го прави тоа. Идниот развој на Центарот го гледам не само во продолжување на нашата основна дејност и работа со детски и возрасни слушатели, туку и во учество и управување со проекти кои во себе ќе вклучат учење странски јазици, но со насочена општествена цел. Друг правец кој би можел дополнително да се развива е организација на обуки за помлади професори каде што нашите искусни професори ќе можат да го пренесат своето знаење. Нашата институција отсекогаш била расадник на квалитетни професори, а еден дел од нив својата кариера ја продоложија на високообразовните институции, но ја задржале врската со Центарот. Исто така, сметам дека е потребно да ја развиваме соработката со корпоративниот сегмент на нашето општество и да имаме поголема насоченост кон компаниите кои имаат потреба од повисоко ниво на познавање на јазикот на своите вработени. 

Марили: Што ќе им порачате на младите генерации?
Смичковска: Да бидат работливи, одговорни и да ја негуваат љубопитноста.
 

Содржината е прочитана 816 пати.