Интервјуа

На 4. и 5. октомври Македонија ќе биде домаќин на првата „Балканска винска мрежа“ и организатор на првиот „Светски ден на вранецот“

Интервју со Елена Младеновска Јеленковиќ, извршен директор на здружението „Вина од Македонија“ во кое говори за иниијативата да се основа Балканската винска мрежа, за „вранецот“ како сорта со највисок приоритет и нераскинлив дел од процесот на градење на репутацијата и уникатноста на нашиот регион како винска дестинација, за фокусот за Здружението ставен на специфичните предизвици на производителите на вино и меѓународната промоција на виното, но и за тоа што значи заштитата на географското потекло и дефинирање на географските ознаки во винската индустрија, како и за позицијата на македонските вина на светскта винска мапа

понеделник, 30 септември 2019

МАРИЛИ: Повод за ова интервју се активностите што ги презема здружението „Вина од Македонија („Wines of Macedonia“), но и непосредно настаните што ги организирате на почетокот на октомври. Што поточно ќе се случува на 4. и 5. октомври во рамките на Вашето здружение? 
МЛАДЕНОВСКА ЈЕЛЕНКОВИЌ:
Здружението „Вина од Македонија“, од основањето во 2010 година има за цел да го промовира квалитетот и имиџот на македонските вина на глобалната винска сцена, како и стратешки да го поддржува развојот на винскиот сектор во земјата и поврзаните индустрии, како земјоделството и туризмот. Нашата организација е пример за важноста на здружувањето и заедничкиот настап пред меѓународната публика и пред потрошувачите од различни пазари во светот.
Токму поради нашето искуство и присуство во светот, поаѓајки од фактот дека се уште не сме познати како вински регион, не само ние, туку и останатите земји на Балканот, ние сме иницијатори и основоположници на првата „Балканска винска мрежа“, која официјално ќе се објави на 4-ти октомври, како и организатори на првиот „Светски ден на вранецот“, кој ќе се одржи во Скопје на 5-ти октомври.

МАРИЛИ: Петти октомври е прогласен за „Светски ден на вранецот“. Настанот е во организација на здружението „Вина од Македонија“. Која е целта што сакате да ја постигнете токму со промоција на „вранецот“?
МЛАДЕНОВСКА ЈЕЛЕНКОВИЌ:
„Светски ден на вранецот“ е рамо до рамо со другите меѓународни денови кога се слават и други сорти низ целиот свет. Овој настан ќе го зголеми признавањето на Балканот како вински регион и ќе ја отвори вратата и за останати сорти. Во светот, трендот на обележување на одредена сорта вино во последната деценија се има покажано како многу корисен, особено во контекст на позиционирањето на меѓународните пазари и зголемување на продажбата на вината направени од сортата којашто се слави.

МАРИЛИ: Како планирате маркетиншки да го подигнете овој настан кој во иднина би требало да прерасне во традиција, кој се ќе присуствува, дали се поканети новинари, сомелиери кои ќе помогнат во неговата промоција?
МЛАДЕНОВСКА ЈЕЛЕНКОВИЌ:
На 5. октомври 2019 (сабота), во хотелот „Хилтон“ во Скопје ќе има целодневна програма која ќе вклучи отворање и официјална инаугурација на „Светскиот ден на вранецот“ од највисокиот политички врв и претседателот на здружението „Вина од Македонија“, Светозар Јаневски, научни презентации за оваа сорта, панел дискусии и мастер класови со светски вински професионалци кои го истражуваат „вранецот“. Меѓу нив се винските познавачи т.н. „Master of wine“ Керолин Гилби (Carolyn Gilby), Дарел Џозеф (Darrel Joseph) и Питер Меккомби (Peter McCombie), вински новинари од Европската унија, меѓу кои Томас Брандл (Thomas Brandl) од Германија, како и вински судии, меѓу кои Николас Ангелина (Nicolas Angelina) од Велика Британија и Дариус Алин (Darrius Allyn) „Master sommelier“ од Хонгконг.
Настанот го поддржуваат и други вински професионалци од регионот (сомелиери, истражувачи, специјализирани новинари, вински фотографи, блогери, итн.) од Словенија, Хрватска, Србија и секако, од нашата земја. На настанот ќе се одржи и првата дегустација во насока на дефинирање на посебна чаша за „вранец“.
Веќе имаме и медиумски прокровители од регионот кои ги пренесуваат вестите за настаните.
За пошироката публика и сите заинтересирани посетители, попладнето ќе се одржи и ексклузивен салон на вина од сортата „вранец“ произведени од домашните винарници „Бовин“, „Брзанов“, „Вардарска долина“, „Венец“, „Визба Валандово“, „Далвина“, „Езимит“, „Имако“, „Камник“, „Картел“, „Кувин“, „Попов“, „Попова Кула“, „Пуклавец“, „Сопот“, „Стоби“ и „Тиквеш“, како и винарници од Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора. Салонот ќе биде отворен за јавноста од 16:30 до 22:00 часот, а влезниците може да се купат на мобилната продажна мрежа на www.karti.com.mk

МАРИЛИ: Дали винската сорта „вранец“ е автохтона во Македонија, колкава површина во хектари се одгледува со оваа сорта и колку државата вложува за промоција на истата на светско ниво?
МЛАДЕНОВСКА ЈЕЛЕНКОВИЌ:
Нашата земја се смета за втор дом на „вранецот“, бидејќи кај нас е најзастапена сорта и тоа со приближно 11.000 хектари лозови насади, поради тоа што агроеколошките услови се скоро перфектни и овозможуваат исклучително квалитетен принос. „Вранецот“ е значаен дел од винското и културното наследство на целиот Балкански регион, иако оригинално потекнува од Црна Гора. Се работи за автохтона сорта на Балканскиот регион која е секогаш интересна за меѓународната винска публика, а една и од омилените кај домашната.
„Вранецот“ има голема отпорност на високи температури и има светла иднина во контекст на климатските промени. Црвените вина низ светот ја губат киселоста и свежината, кои се иманентни за нашиот „вранец“. Дури и светските производители на вино стануваат се позаинтересирани за оваа сорта, а некои земји веќе експериментираат со насади на „вранец“, со цел да утврдат дали ќе одговара на нивното поднебје на подолг рок. Кога имаме редуцирани приноси од 5 до 7 тони по хектар добиваме одлично вино и зрели танини, исход што е најголемата придобивка за енолозите да создадат фантастично вино. „Вранецот“, како сорта е одлична и за блендирање со други сорти. Поради сите претходно наведени причини нашата држава, винариите и секако здружението „Вина од Македонија“ го ставаат токму „вранецот“ како сорта во највисоките приоритети и како нераскинлив дел од процесот на градење на репутацијата и уникатноста на нашиот регион како винска дестинација.

МАРИЛИ: Како дојдовте на идеја токму Македонија да биде центар на вакви активности, но и здружението „Вина од Македонија“ да учествува во апликација за унапредување на регионалната соработка во рамки на винската индустрија?
МЛАДЕНОВСКА ЈЕЛЕНКОВИЌ
: Водени од идејата дека „заедно сме посилни”, со проектот „Виното како мост за поврзување на Западен Балкан“ аплициравме во Фондот на Западен Балкан (Western Balkan Fund), и во рамки на проектот предвидовме формирање на т.н. „Балканска винска мрежа“. Целта на ова вмрежување е поврзување и унапредување на развојот на винскиот сектор во регионот, лозарството, винскиот туризам и заедничко решавање на сите законски пречки кои се појавуваат при пласирање на вината од нашиот регион на трети пазари.
Останатите земји во нашата околина немаат толку јако здружение на винарии како „Вина од Македонија“, кое во соработка со државните институции, соодветно се фокусира на специфичните предизвици на производителите на вино и меѓународната промоција на виното. Затоа нашето здружение ја започна иницијативата на поврзување на различни организации од други земји, како „Wine Q“ – Центарот за винска култура во Република Србија од Белград, здружението на граѓани „Салон Жилавке“ од Требиње во Босна и Херцеговина и „Винската академија на Црна Горa“ од Подгорица. Нашето партнерство доби поддршка за креирање на мрежа во регионот, која ќе делува во доменот на поврзување и заедничка промоција на виното од балканските земји.
Официјалното лансирање на мрежата, потпишување на меморандумите за соработка и верифицирањето на акцискиот план и регионалната стратегија ќе се случи на 4.октомври 2019 година (петок) во Скопје, за време на првата регионална конференција на „Балканска винска мрежа“. Се работи за навистина големо достигнување, а меѓусебното стратешко поврзување на релевантните субјекти и чинителите во винскиот сектор ќе биде актуелизирано во 6-те земји на Западен Балкан. На настанот ќе имаме гости и од останатите земји на Балканот кои се веќе во Европската унија, гости од Грција, Бугарија, Словенија, Романија и Хрватска, со цел да се запознаат со нашите цели и во иднина заеднички да соработуваме за градење на Балканот како вински регион.
Заедничкото делување, креирање на заедничка винска приказна и поврзување на винските патишта од регионот ќе придонесе за поголема промоција на интернационалните пазари, но ќе овозможи и заедничко делување во сите сегменти, почнувајќи од лозовите насади, подобрување во производство на вино, како и во областа на законодавството.

МАРИЛИ: Дали Вашето здружение работи на заштита на нашите вина иако не сме дел од Европската унија и што конкретно е превземено на овој план? Што конкретно значи географска индикација на македонските вина и колку е важен овој процес за секоја земја производител на вино, на пример, Франција го направила ова уште пред стотици години?
МЛАДЕНОВСКА ЈЕЛЕНКОВИЌ: Франција токму поради тоа, меѓу другото, ја ужива репутацијата како референца за некои од најдобрите вина во светот. Но, земјите од т.н. „нов свет“, пак, како Нов Зеланд и Австралија напредуваат интензивно благодарение на технологијата. Модерниот потрошувач не бара виното да биде врзано исклучиво со земјата на потекло, односно со тероарот. Затоа сметаме дека сега светот треба да се сврти кон нашиот регион. Досега сме имале позитивни реакции и соодветно биле застапувани интересите на нашата винска индустрија и на државата. Заштита на географското потекло и дефинирање на географските ознаки е во фаза на развој во нашата индустрија. До крајот на годината би требало да ги завршиме регистрациите за географските индикации. Ова е еден од првите чекори кон покажување на светот дека станува збор за сериозност во пристапот на производство на вино.

МАРИЛИ: Сметате дека нашите вина се многу квалитетни и заслужуваат подобра позиција на светската винска мапа. Што ќе се презема во иднина во таа насока?
МЛАДЕНОВСКА ЈЕЛЕНКОВИ
Ќ: Нашите висококвалитетни флаширани вина кои нудат одлична вредност за цената се нашата најсилна страна за конкурирање на светскиот пазар. Вината на нашите винарници освојуваат врвни награди во светот и можат да се носат рамо до рамо со премиум вината од други познати региони. Во однос на трендовите на побарувачката, потрошувачите бараат нови вкусови, но и добар квалитет за своите средства и затоа сметам дека сега е вистинското време да направиме исчекор во своите напори за промоција и да го завземеме своето, заслужено место. 

Сега и во иднина е неопходно да се вложува во промоција и унапредување на нашиот имиџ, со цел со текот на времето потрошувачите да го препознаваат квалитетот, но и бренд-идентитетот на нашите вина.  Здружението „Вина од Македонија“ е своевидна стопанска комора за производителите на вино во земјава и соодветен репрезент на винската индустрија, бидејќи има за фокус развојни планови и заштита на повисоки државни интереси. Сите членки заедно учествуваат со над 90 проценти во извозот на македонско флаширано вино и со 50-60 проценти од вкупното производство. 

Со цел стратешка промоција на македонското вино, редовно сме домаќин на странски новинари и професионалци во винската индустрија, учествуваме на меѓународни саеми, вински натпревари и различни вински настани преку кои ги промовираме нашите вина и градиме препознатливост на земјата како вински производител. За да го постигнеме ова е потребно континуирано инвестирање во сите сегменти на производствениот процес, во комерцијалниот дел, во иновации и секако, во трансфер на знаења.

МАРИЛИ: Како наоѓате време за сите активности со оглед дека сте вработена во „Тиквеш“, истовремено сте извршен директор на Здружението „Вина од Македонија“, а и професор на Универзитетот Американ колеџ?
МЛАДЕНОВСКА ЈЕЛЕНКОВИЌ: Од секогаш сум работела повеќе работи одеднаш, за мене динамичноста и „мултитаскингот“ е неопходен принцип на работа во денешниот бизнис свет и сметам дека е важно секој да се предизвикува себе си. Мојата лична и професионална девиза е – „step forward“ (чекорете напред). Сите имаме на располагање подеднаков број часови во текот на денот, но важно е да одвоиме време за сето она што ни е важно и што сакаме да го постигнеме. Со добра организација на времето, може многу да се постигне, но само ако се има желба. Значаен дел од активностите што ги извршувам се комплементарни во интерес на развој на винската индустрија, а со мене работи и одличен тим млади луѓе. Би сакала да ги спомнам и издвојам во оваа прилика две извонредни дами, кои несебично вложуваат и дополнително време и енергија за сите активности да се реализираат и да стане возможно нешто што до вчера било сон, Елена Милошевска Јовановска од „Вина од Македонија“ и Оливера Аритоноска од „Тиквеш“.
Елена Милошевска Јовановска е од самите почетоци во Здружението како оска за реализација на предвидените и реализираните активности на Здружението. Таа е вистински амалгам помеѓу членките сите години наназад.
Во однос на организацијата конкретно на „Светскиот ден на вранецот“ морам да ја стакнам и поддршката на сите винарии, кои покрај финансиски даваат и свој придонес преку ангажман на своите вработени Јадранка Клариќ, Катерина Костовска, Моника Потер, Наталија Кузмановска, Ивана Шандуловска, Наташа Брешлиска, Ана Темелковска и секако Мила Крекиќ. Како што можете да забележите, станува збор за женска енергија, која допрва ќе го покаже својот вистински капацитет и се надевам ќе биде се повеќе ценет во иднина.

МАРИЛИ: Дали посебно Ве исполнува работата на промоција на македонски производни брендови?
МЛАДЕНОВСКА ЈЕЛЕНКОВИЌ: Промоцијата на македонски производни брендови е многу важна за нашата земја и, повторно ќе кажам, е чекор напред во приближувањето кон светската пазарна сцена и препознатливост кај потрошувачите во Европската унија и пошироко во светот. За мене тоа претставува мотив за посветена работа и напредок. Во наредниот период еден од нашите приоритети е да работиме на дефинирање на стандарди во производството на грозје и унапредување на лозарството. Ова го правиме со цел да се обезбеди висококвалитетна суровина која ќе гарантира премиум квалитет кој се бара на светските пазари. Ние сакаме да се натпреваруваме со најдобрите, посебно имајќи предвид дека во винската индустрија знаеме дека може да понудиме навистина нешто посебно.
 

Содржината е прочитана 1588 пати.