Интервјуа

Наградата „Најжена на 21.век“ е награда за сите кои се дел од тимот на „Парк Резиденс“ и „Паркленд Груп“

Интервју со Нина Шерифовска, извршен директор на „Парк Резиденс“ во кое говори за значењето на наградите за еден менаџер, за предизвикот да се биде и жена, и мајка и успешен претприемач, за новиот член во семејството на „Паркленд“ - хотелот „Next Door Park“ , за општествено одговорното работење на компанијата

вторник, 24 декември 2019

МАРИЛИ: Повод за ова интервју е наградата „Најжена на 21 век“ што деновиве ја добивте во Белград. Ова е регионална награда и се однесува на успешни луѓе, пред се, од стопанството во Југоисточна Европа. Кои се импресиите што ги носите со себе од овој настан, колку оваа награда значи промоција на Вашиот бизнис и колку самиот настан овозможува вмрежување и соработка со други успешни луѓе од регионот?
ШЕРИФОВСКА:
Целта на овој настан беше унапредување на професионалниот развој на учесниците од приватниот и јавниот сектор, нивна афирмација, како и поврзување и промоција на најдобрите претприемачки пракси, компании и опшстествено одговорно работење.
Фокусот се става на оддавање признание не само на преприемачкиот дух и на успешните проекти, туку и оддавање признание на лидерството и на мотивацијата која лидерите ја пренеле во своите компании, придонесот кон заедницата и кон личниот развој на другите вработени, на тој начин давајќи позитивен пример кој треба да го следат и другите.
Да се дели овој простор со стотици жени и мажи, професионали секој во различна област, не е само чест, туку и можност меѓу себе да се вмрежиме, надополниме, надградиме и да придонесеме дополнително кон сопствените компании, во делот на подобри бизнис пракси, општествено одговорно работење, нови трендови итн. „Парк резиденс“ и „Паркленд Хоспиталити груп“ веќе го имаат печатот не само на успешни, туку и на општествено-одговорни компании и со задоволство ја раскажуваме и споделуваме нашата приказна, затоа што сакаме да послужи како добра пракса која треба да се следи.
Секогаш се радувам на вакви манифестации, не заради наградите сами по себе, туку затоа што ни (ми) служат за да придонесам кон личниот развој на мојот тим, луѓето што ќе го продолжат мојот пат.

МАРИЛИ: Оваа 2019 година, се чини, беше исклучително „плодна“ за Вас како зоакружување на еден долг успешен период на менаџирање, забележан и награден на две манифестации, едната во државава во „Избор на топ 10 најуспешни жени менаџери за 2018“ во организација на агенција „Марили“, а другата „Најжена на 21. век“ во Белград. Колку овие награди Ви значат лично Вам, како менаџер, како професионалец и како успешна жена?
ШЕРИФОВСКА:
Нашата приказна трае повеќе од 10 години, но она што е најбитно е дека континуирано се надградува. Бројките говорат за една импресивна инвестиција од 25 милиони евра која се протега на површина од 32.246 квадратни метри, преточена низ луксузни станбени и деловни објекти, но за нашиот тим најголемиот успех е континуитетот во работењето, задоволството од позитивните коментари од клиентите, гостите и партнерите, и пред се, пасијата и мотивацијата со која тимски се пристапува во секојдневното работење. Освен користење светски брендови и врвна светска технологија, уникатност во делот на дизајнот и енергетската ефикасност, обезбедуваме 24/7 мониторинг и грижа за нашите резиденти и во континуитет ги следиме нивните потреби.
Ние се радуваме на сите успеси на нашата компанија во изминатава година. Заедно го изодевме патот, заедно поминавме многу предизвици, искушенија, успони и падови, но она што е најбитно е дека заедно ги поминувавме како тим.
Опкружена сум со феноменални соработници кои ми даваат неизмерна поддршка на која сум им премногу благодарна. Нивниот личен раст и развој, од друга страна за мене е најголемо задоволство и потврда дека се движиме во вистинскиот правец. 
Токму ова е моето најголемо признание, за мене и мојот тим, затоа што ништо од ова не би било постигнато без тимска работа, взаемна посветеност, мотивираност и пасија кон работењето. За мене нема поголемо задоволство од тоа да го гледам мојот тим како расте, како колектив, но и индивидуално како професионални поединци. Затоа, овие награди се награди за сите кои се дел од тимот на „Парк Резиденс“ и „Паркленд Груп“.

МАРИЛИ: Сметате ли дека наградите од таков тип се важни за жените, особено во делот на бизнисот кој е двигател на секое општество? Колку се тие поттик за понатамошно успешно работење, но и мотивација за младите генерации?
ШЕРИФОВСКА:
Сите нешта тргнуваат од добро поставена цел, се понатаму е упорност, ентузијазам, динамичност и, пред се, љубов кон работата. Поддршката од дома многу значи, но тежок е патот на жените во бизнис водите. Жените се најчесто дискриминирани во работните односи и преку процесот на регрутација и за време на бременост/мајчинство. Да се биде и жена,мајка и успешен претприемач, во денешно време е предизвик, но не и невозможно. Учеството на жените во претприемачките води, во раководните тела и менаџмент е многу мало, генерално, состојбата со учеството на жените на пазарот на труд е поразителна. Но, она што не радува е дека жените стануваат се побројни во високообразовните структури и доминираат во категоријата на доктори на науки, најмногу од се што стануваат се похрабри да превземаат ризик, одговорност....

МАРИЛИ: Која е Вашата лична порака до младите жени кои треба да останат во нашата земја и да постигнуваат високи резултати во работата, но истовремено да бидат успешни и на други полиња?
ШЕРИФОВСКА
: Ништо што вреди во животот не се добива лесно, а теоријата која што во мојата кариера се потврдила е, дека што поупорно и посветено работите на вашата цел или сон, толку е поубаво чувството кога ќе го постинете истото. Ова се потврдува секој ден во мојата работа, со секојдневните предизвици и освојување врвови. Тогаш и работата преминува во задоволство.
Никогаш не престанувајте да сонувате.

МАРИЛИ: Вие сте извршен директор на „Парк Резиденс“, но и сопруга и мајка, па како успевате да ги усогласите сите обврски? Колку е важно разбирањето и поддршката од семејството?
ШЕРИФОВСКА:
Без поддршката на моето семејство и моите деца сигурно немаше да бидам тука каде што сум денес. Неизмерно сум им благодарна за тоа. Моите успеси се и нивни успеси. Се радувам што можам да бидам пример на моите деца, но и на сите други млади луѓе дека ништо не е невозможно. 

МАРИЛИ: Покрај бројните обврски дали имате слободно време кое го посветувате на некоја друга пасија?
ШЕРИФОВСКА:
Времето поминато со семејството и пријателите е за мене најквалитетно поминато време, без разлика дали е во домашна атмосфера или во природа. Дружењето и насмевките се моја главна енергија која ме води од ден во ден.
Понекогаш работните денови се многу дoлги, но, како што напоменав и за работата, она што ни е важно не го мериме низ бројки и часови, важно ни е квалитетно поминатото време, па макар и да е некогаш само еден час.

МАРИЛИ: Кои се Вашите планови за 2020 година во рамки на Вашата менаџерска позиција во компанијата?
ШЕРИФОВСКА:
Семејството се проширува, имаме амбициозни планови и визија за понатаму. Наша основна цел е да им ги овозможиме на дланка на нашите резиденти сите светски трендови. Воедно, „Паркленд“ неодамна се збогати со уште еден нов член, „Next Door Park“ хотелот со 4 ѕвезди, веднаш до „Парк Хотел и Спа“.
Паралелно со проширувањата, нашето општествено одговорно работење ќе продолжи со уште поинтензивна поддршка во проекти од општо добро на заедницата.

 

Содржината е прочитана 714 пати.