МАКЕДОНИЈА

Договор со Светска банка за 70 милиони евра за реконструкција на локални патишта

понеделник, 30 декември 2019

Министерката за финансии, Нина Ангеловска и директорот на Kанцеларијата на Светска банка во земјава Марко Мантованели потпишаа Договор со кој се обезбедуваат 70 милиони евра за рехабилитација, реконструкција и надградба на 450 километри локални патишта во 80 општини во земјава.

Од Министерството за финансии соопштуваат дека средствата се обезбедуваат под исклучително поволни услови, со рок на отплата од 15 години и грејс-период од пет години и каматна стапка од шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за фиксен распон, со што сега каматната стапка изнесува 0,15 проценти.

„Секој вложен денар во инфраструктурата се враќа четирикратно: се поттикнуваат транспортот, трговијата, туризмот и воедно се обезбедуваат подобри услови за живот на граѓаните. Преку овој проект ќе се обезбедат средства со кои ќе се подобри локалната инфраструктура низ целата земја. Проектот е дел од четиригодишната Рамка за соработка со Светска банка во вредност од 420 милиони евра, која опфаќа инвестиции во инфраструктура, проекти за вложување во човечки капитал, фискална одржливост и одржливост на животна средина“, рече министерката за Ангеловска.

Во Министерството за транспорт и врски веќе е формирана проектна единица за спроведување на проектот, до која општините може да доставуваат проекти.
 

Содржината е прочитана 238 пати.