Бизнис вести

Платите, доходот од самостојна дејност, авторски хонорари, ќе се оданочуваат со стапка од 10 отсто

Од 1 јануари се зголемува и прагот за ДДВ обврзник од милион денари на два милиони денари, а со измените во Законот за данок на додадена вредност се менува и периодот во кој обврзникот е должен да остане во системот на ДДВ и се скратува на три години од тековните пет години

четврток, 02 јануари 2020

Почнува примената на измените на Законот за данок на личен доход со кои се става во мирување примената на прогресивниот данок на личен доход. Следните 36 месеци доходот од работа, доходот од самостојна дејност, доходот од авторски и сродни права, како и доходот од продажба на сопствени земјоделски производи ќе се оданочува со стапка од 10 проценти. Во мирување ќе биде ставена и стапката од 15 проценти, што значи дека стапка од 10 проценти ќе се применува и за оданочување на доходот од права на индустриска сопственост, закуп и подзакуп, капитал, капиталните добивки, од осигурување и другиот доход.

Министерката за финансии Нина Ангеловска, кога ги најави измените на Законот за данок на личен доход, рече дека не станува збор за негово укинување, како и дека став на Владата е оти прогресивен данок може да ја подобри распределбата на доходот во системот и да даде добри општествени ефекти што би резултирало со поправедно и поразвиено општество.

„За да се постигне ваков ефект, прогресивниот данок треба да има оптимален дизајн во чиј центар е домаќинството, да биде донесен во консултативен процес со сите засегнати страни, да постојат ефикасни механизми за елиминирање на сивата економија и да има зајакната доверба во институциите како и да се воспостават ефикасни и ефективни процеси со искористување на потенцијалот од технологијата, со цел намалување на административниот товар, кој ќе биде распореден на сите“, рече тогаш Ангеловска.

Oдлуката за ставање во мирување на прогресивниот данок е донесена врз основа на анализа на големи податоци, што овозможуваат да се извлече тенденцијата и да се донесе заклучок врз основа на електронско пријавување и наплата на данокот на личен доход. Според анализата, приходите кои можеле да се приберат од прогресивното оданочување и повисоката стапка на личен доход се помали за 51,2 отсто во однос на потенцијалот. Вкупно изгубените приходи што можеле да се приберат, а не се прибрале, се оценети на 6,5 милиони евра, тоа се средства кои буџетот можел да ги има, но не ги добил поради промената во однесувањето на даночните обврзници, покажува анализата.

Од 1 јануари се зголемува и прагот за ДДВ обврзник од милион денари на два милиони денари. Со измените во Законот за данок на додадена вредност се менува и периодот во кој обврзникот е должен да остане во системот на ДДВ и тој се скратува на три години од тековните пет години. Со тоа, сите правни и физички лица коишто во 2019 година не го надминале новопоставениот праг, ќе може доброволно да се дерегистрираат од системот.

Од почетокот на следнот месец се одложува примената на две даночни решенија. Нема да стартува оданочувањето на капиталните добивки од хартии од вредност. Новото решение што ќе стапи во сила од 2023 година ги вклучува во оданочување и уделите од инвестициските фондови, кои со досегашното решение беа изоставени. Се воведуваат две даночни стапки, зависно од периодот на поседување на хартиите од вредност и уделите, односно, стапка од 15 проценти за сите оние кои шпекулативно тргуваат на пазарите на капитал, односно истите ги држат кај себе до една година и стапка од 10 проценти со која ќе биде даночен доходот од капиталните добивки од хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд, кои инвеститорите ги чуваат од една до 10 години. Ослободени од овој данок ќе бидат долгорочните инвеститори кои хартиите од вредност и уделите издадени од инвестициски фонд ги чуваат повеќе од 10 години од денот на продажбата, но и хартиите од вредност стекнати од иницијална јавна понуда, со цел охрабрување на компаниите за првично отворање кон јавноста преку издавање акции по пат на иницијална јавна понуда. Спроведувањето на одредбите од Законот нема да биде оставено на товар на граѓаните и данокот автоматски ќе биде пресметуван и уплатуван во Буџетот.

Од први јануари 2020 нема да стартува и примената на данок на камати од депозити. Одлуката за одложување се базира на потребата од нормативно доуредување за известување од страна на банките и штедилниците, како и поедноставување на администрирањето на данокот. Дополнително, со одложениот старт на оданочувањето на капиталните добивки и каматите на заштедите, од 2023 ќе се изедначи третманот на заштедите со долгорочното инвестирањето на граѓаните на пазарот на капитал.

Пренесено од МИА
 

Содржината е прочитана 120 пати.