Култура

„Медена земја“ не освои Оскар, но го сврте вниманието на филмскиот свет

На 92. издание на американските филмски награди македонскиот филм беше номиниран во две категории, но Оскарот за најдобар документарен филм му припадна на „Американска фабрика“, додека јужнокорејскиот „Паразит“ беше прогласен за најдобар странски филм

понеделник, 10 февруари 2020

Македонскиот документарец „Медена земја“ не успеа да стане првиот наш филм кој освои Оскар и покрај историската номинација во две категории – за најдобар документарец и за најдобар странски филм.

На 92. издание на американските филмски награди Оскарот за најдобар документарен филм му припадна на „Американска фабрика“ - првиот филм на компанијата на Барак и Мишел Обама, додека јужнокорејскиот „Паразит“ беше прогласен за најдобар странски филм.

Иако остана без најпосакуваната филмска награда - златната статуетка, тимот на „Медена земја“ го сврте вниманието на светот кон себе, кон Македонија и кон она што е најважно и највредно – кон природата и враќањето на балансот во животната средина. Македонскиот документарен филм важеше за еден од фаворитите, а главниот лик Атиџе несомнено беше најсветлиот лик на годинашното оскаровско издание.

Веднаш по завршување на светскиот настан, тимот на „Медена земја“ преку социјалните мрежи се заблагодари на големата поддршка и порача дека биле почестени што биле номинирани.

„Пред сѐ, сакаме да се заблагодариме на сите што нѐ бодреа и веруваа во нас. И покрај тоа што ’Медена земја’ не доби Оскар, сосема сме свесни за големината на овој филм, за значењето на пораката што ја пренесува, за силата на бескрајните приказни што се кријат во оваа земја и за многуте наши талентирани уметници кои знаат како тие приказни да ѝ ги покажат на публиката. Почестени сме што бевме номинирани покрај овие одлични филмаџии со смели приказни кои им се обраќаат на луѓето од целиот свет, на универзалниот јазик на кинематографијата. Не можеше да се предвиди дека нашиот филм ќе влезе во историјата на Македонија и во историјата на номинациите за Оскар. ’Медена земја’ истовремено беше номиниран во две категории, за најдобар документарен и за најдобар интернационален филм, затоа што универзалноста на приказната и јазикот на филмот ја даваат неговата компетентност и сила да се натпреварува со останатите номинирани. Кога го промовиравме филмот на фестивалот ’Санденс’ пред повеќе од една година, не се ни надевавме дека ќе стигнеме толку далеку. Им се заблагодаруваме на сите што веруваа во нашиот мал филм и нè поддржуваа, а особено му се заблагодаруваме на дистрибутерот ’Неон’ за вербата во моќта на кинематографијата и во смелото раскажување приказни.
На крај, би сакале да ѝ се заблагодариме на нашата водечка ѕвезда, Атиџе Муртова што ни дозволи да влеземе во нејзиниот прекрасен свет. Филозофијата на Атиџе ’земи половина, остави половина’ е едноставна, но длабока. Тоа е порака во којашто може да се пронајде секоја публика. Горди сме што сме гласниците на таа порака“, се вели во изјавата од екипата на нивната официјална фејсбук страница.

И главниот лик на македонскиот документарец, Атиџе Муртова упати порака од Лос Анџелес:

„Мојот живот по снимањето на филмот драстично се промени. Сега имам нова куќа и сѐ станува подобро и подобро. Сакам публиката да извлече само една порака од филмот: како што јас споделувам со своите пчели, така сакам и сите луѓе да споделуваат едни со други“, вели Атиџе.

Иако не доби Оскар, успехот на „Медена земја“ и на комплетниот тим што го работеше филмот е евидентен. Сите досега добиени признанија и награди, како и самата номинација во две категории за Оскар е потврда дека пораката допрела до сите и дека и оние кои не разбираат ни македонски и ни турски, го разбрале јазикот на камерата кој ја стави Македонија и македонската кнематографија рамо до рамо со светските филмски работиници.

Инаку, јужнокорејскиот филм „Паразит“ (Parasite) е голем победник на 92 издание на американски филмски награди, бидејќи е добитник на три оскари – за најдобар филм, најдобра режија и за оригинално сценарио. Меѓу главните награди, сосема очекувано, Хоакин Феникс доби Оскар за најдобра машка улога за филмот „Џокер“, а Рене Зелвегер за најдобра женска улога во филмот „Џуди“. Бред Пит го освои Оскарот за најдобра споредна улога во филмот „Беше еднаш во Холивуд“, а за најдобра споредна женска улога златна статуетка освои Лора Дерн за „Брачна приказна“.

Филмот „1917“ кој говори за Првата светска војна и кој се сметаше за фаворит во водечките категории, на крајот заврши само со три награди од вкупно 10 номинации и тоа за камера, за визуелни ефекти и за звук.

Се чини дека најголем губитник на вечерта е „Ирецот“, филм на Мартин Скорсезе кој и покрај номинациите во 10 категории не доби ниту еден Оскар и заврши со празни раце.
 

Содржината е прочитана 259 пати.