Бизнис вести

Се затвори „Тетекс“

По седум децении работа и доминација на текстилниот пазар во регионот тетовскиот комбинат стави клуч на врата, без работа останаа над 150 текстилни работници

вторник, 11 февруари 2020

Текстилниот комбинат АД „Тодор Циповски-Мерџан“ – „Тетекс“ стави клуч на врата. По седум децнии работа вчера попладне беше затворен погонот Конфекција, кој беше последен што работеше. Во официјалното соопштение објавено на Берзата раководството на комбинатот вели дека дека „Тетекс“ АД Тетово месецов прекинува со производство на тешка конфекција, при што фокусот ќе биде ставен кон нови попрофитабилни дејности.

Пред пред една година престана да работи погонот Трикотажа, а минатиот месец и Ткајачница. Единствено работи Предилницата за производство на волница, која е дадена на странска фирма.

Од раководството на „Тетекс“ истакнаа дека биле приморани да ја затворат фабриката, која последните години се занимавала со примарно производство за странски фирми.

„На просторот од поранешна Југославија, па речиси и во сите европски земји веќе нема ниту една текстилна фабрика која работи, а која имала промарно производство од волна и текстил како што беше во ’Тетекс’, значи, производство од предиво, ткаенини па се до готови конфекциски производи. Нас текстилците едноставно не поклопи Далечниот исток со многу ниски цени на текстилот и ние тоа не можевме да го издржиме па затварањето на ’Тетекс’ беше неминовно“, изјави генералниот директор на АД „Тетекс“, Глигорие Гоговски.

Над 150 текстилни работници на кои вчера им беше последен работен ден во фабриката жалат, особено што голем дел од нив тука работеле над четири децении. Исплашени се бидејќи, како што велат, на нивна возраст тешко ќе најдат работа. Од Синдикатот на комбинатот велат дека за сите отпуштени ќе се примени колективниот договор.

„Оние работници кои имаат над 25 години стаж добиваат отпремнина од седум лични доходи, а другите, соодветно на работниот стаж. Работниците кои се пред пензија ќе бидат 18 месеци под Агенцијата за вработување, а другите ќе бидат до една година, така што ниеден работник нема да остане необештетен“, велат од Синдикатот и потенцираат дека е направена програма за реорганизација на работењето, што значи, во случај на повторно активирање на фабриката, првенство да имаат отпуштените работници.

Комбинатот „Тетекс“ започна со производство на 25 мај 1951 година. Низ годините прерасна во вистински текстилен гигант на југословенсктие простори со над 8 800 вработени. Во 1991 година започна неговата трансформација од општествено претпријатие во акционерско друштво. Во компанијата доминантно поседувана од голем број мали домашни акционери најголем поединечен акционер е Глигорие Гоговски, долгогодишен прв човек на комбинатот. Тој поседува 12,7 отсто акции, додека 1.156 домашни физички лица поседуваат 80,6 отсто од акциите.
 

Содржината е прочитана 78 пати.